Во скопски Аеродром втор ден по ред алармантно ниво на аерозагадување

Прагот на алармирање за ПМ-10 честичките треба да се активира доколку се надмине вредноста од 150 микрограми на метар кубен во два последователни дена. Мерната станица Лисиче во моментов ги исполнува ваквите критериуми

Фото: Архива на Мета.мк

Во скопската општина Аеродром, односно на мерната станица Лисиче, веќе втор ден по ред се регистрирани алармантни концентрации на ПМ-10 честички во воздухот. На 25 декември е измерено присуство на ПМ-10 од 211,2 микрограми на метар кубен, додека завчера на истата локација имало дневни концентрации од 175,4 микрограми на метар кубен од оваа загадувачка супстанца.

Инаку, прагот на алармирање за ПМ-10 честичките треба да се активира доколку се надмине вредноста од 150 микрограми на метар кубен во два последователни дена. Мерната станица Лисиче во моментов ги исполнува ваквите критериуми. И утрово во 8 часот, на оваа локација во скопската општина Аеродром се измерени 176 микрограми на метар кубен како концентрации од ПМ-10 честички во воздухот.

Засега под прагот на алармирање во Скопје се мерните станици во Карпош, Центар, Ректорат и Гази Баба. На овие локации присуството на ПМ-10 честички во воздухот изминативе два дена се движело помеѓу 100 и 150 микрограми на метар кубен.

Во делот на ПМ-2.5 честичките, утрово во 8 часот најзагаден воздух се дишеше во Струмица, каде се измерени 94,5 микрограми на метар кубен, како и во Битола каде концентрациите на ПМ-2.5 честички изнесуваат 95,2 микрограми на метар кубен.

Прагот на алармирање за ПМ-10 честички и понатаму е активен за Струмица, каде се воведени мерки и препораки за заштита од аерозагадувањето. Граѓаните од останатите градови треба ги следат препораките кои се објавени на веб-страницата на Државниот Автоматски Мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Меѓу препораките кои може да влијаат врз намалувањето на аерозагадувањето во воздухот, на граѓаните им се препорачува да користат јавен превоз, возилата да не се користат без поголема потреба и повеќе лица да се возат со едно возило во исто време. Покрај во делот на транспортот, препораките се и да не се користи за затоплување на простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума и било каков синтетички материјал, како и правилно да се користат печките за дрва.