„Ну, погоди!“, кој треба да преземе мерки против аерозагадувањето?

Од централна на локална власт и обратно. Вака деновиве кружат обвинувања меѓу институциите на национално и на локално ниво во однос на тоа кој треба да преземе мерки за справување со високото ниво на загаденост на воздухот

Фото: Архива на Мета.мк

Од централна на локална власт и обратно. Вака деновиве кружат обвинувања меѓу институциите на национално и на локално ниво во однос на тоа кој треба да преземе мерки за справување со високото ниво на загаденост на воздухот во македонските градови.

Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова во изјава за емисијата „Топ тема“ на Телма информираше дека ниту една општина во земјава досега нема доставено краткорочен акциски план до Министерството за животна средина, кој би бил насочен во функција на преземање на мерки за намалување на аерозагадувањето во ситуации на надминување на дозволените гранични вредности.

Шукова прстот го впери кон општините, напомнувајќи дека тие треба да преземат конкретни мерки во периодите кога се надминати граничните вредности на загадувачките супстанции во воздухот.

„Има мерки кои треба да се преземат, реорганизација на сообраќај, реорганизација на работно време… Значи има повеќе мерки кои треба да се спроведат во рамките на нивните буџети“, изјави министерката Шукова.

Министерот за здравство Фатмир Меџити пак, вчера од Тетово на новинарско прашање за тоа дали ќе се преземат дополнителни мерки поради интензивирање на загадувањето на воздухот и проблемите со луѓето со респираторни заболувања, одговорот го пренасочи кон поригорозни мерки за пушачите.

„Денес зборувавме на редовниот понеделнички колегиум со службите во Министерството. Ќе има ригорозни мерки за пушењето во идната 2024 година, а потпишан е протокол со Светска здравствена организација. Нека си ја мислат пушачите како понатаму“, изјави вчера министерот Меџити.

Од СДСМ, која е опозиција во Советот на град Скопје, денеска на прес-конференција посочија дека на утрешната општинска седница ќе предложат амандмани во градскиот буџет за 2024 година, бидејќи владејачкото мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ во градскиот совет не направило ништо, со цел да се обиде да повлијае на подобрување на состојбите и на некои важни аспекти за Град Скопје.

Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ во Советот на град Скопје, денеска рече дека локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ во главниот град не презела ништо за решавање на проблемот со аерозагадувањето.

„ДПМНЕ има мнозинство во Советот на Град Скопје, води јавни претпријатија, има над 500 членови по управните и извршните одбори. Нема мерки ни за намалување на тековното загадување, не се реализираат еколошки проекти, нема решенија за справување со загадувањето во Скопје“, вели Љубица Јанчева.

Од ВМРО-ДПМНЕ, кои се наоѓаат на власт во мнозинството општини на територијата на земјава, изминативе денови не се расположени да го коментираат проблемот со аерозагадувањето. Иако оваа партија по неколку пати во денот испраќа соопштенија до медиумите во однос на разни теми, аерозагадувањето не може да се пронајде меѓу темите на соопштенијата од оваа партија.

Колку за потсетување, аерозагадувањето изминативе денови претставува голем проблем за граѓаните, како од Скопје, така и од другите градови. Па така, енормно загадување втор ден по ред е измерено во скопската општина Аеродром на мерната станица Лисиче. Прагот на алармирање за ПМ-10 честичките треба да се активира доколку се надмине вредноста од 150 микрограми на метар кубен во два последователни дена. Мерната станица Лисиче во моментов ги исполнува ваквите критериуми.

Огромно загадување изминативе денови беше измерено во Струмица, каде е активиран прагот на алармирање поради присуството на ПМ-10 честичките. Без праг за алармирање засега се градовите Битола, Прилеп, Тетово, Кавадарци, каде што, сепак, изминативе денови граѓаните дишат воздух со загадувачки супстанции кои се над максимално дозволените концентрации од 50 микрограми на метар кубен кај ПМ-10 и од 25 микрограми на метар кубен кај ПМ-2.5 честичките.

Во скопски Аеродром втор ден по ред алармантно ниво на аерозагадување