За рудникот „Иловица-Штука“ ќе има трето судење, екологистите велат природата ќе ја бранат со живот

Фото: „Еуромакс Ресоурцес“

Вишиот Управен суд ја поништи пресудата на Управниот суд за конечно одземање на концесијата на „Еуромакс ресурсис“ за експлоатација на рудникот „Иловица-Штука“ и по жалбата на компанијата, предметот го врати на повторно судење. Одлуката, Вишиот управен суд ја донел во октомври, а беше објавена деновиве.

Со ваквото решение продолжува пинг-понг партијата помеѓу Управниот и Вишиот Управен суд, со оглед на тоа дека ова е веќе второ враќање на процесот на почеток што го прави Вишиот управен суд за случајот со рудникот за бакар и злато.

Имено, во јули минатата година Вишиот управен суд првпат го поништи решението на Управниот суд со кој се одбиваше жалбата на „Еуромакс Ресурсес“ за одземената концесија и донесе одлука да има повторно судење во Управниот суд. Претходно, Управниот суд со решение во октомври 2020 година, ја одби жалбата на компанијата „Еуромакс Ресурсес“ која се однесуваше на преиначување на пресудата на Управниот суд со цел да ја задолжи Владата да ја поништи одлуката за еднострано раскинување на концесијата како неоснована и да ја задолжи Владата да ги спои концесиите.

Откако предметот по вторпат се врати во Управниот суд, оваа институција нова пресуда донесе во октомври минатата година, со која пак ја потврди одлуката на Владата на Еуромакс да им се одземе концесијата Иловица 6 за рудникот за бакар и злато „Иловица-Штука“. Таа првично беше објавена во канадските медиуми, а македонската јавност ја виде во март годинава кога беше објавена на судскиот портал. Во меѓувреме, компанијата „Еуромакс ресурсес“ повторно вложи жалба до Вишиот управен суд за да ја оспори и оваа пресуда, а резултатот е последното решение за поништување на пресудата на Управниот суд.

Сега, предметот по третпат ќе се враќа во Управниот суд. Ова за еколошките активисти од трите општини од југоистокот, засегнати од отворањето на рудникот е невиден преседан и упатува на политички математики.

„Ова е скандалозна пресуда на Виш управен суд во која најсрамно без никаква правна аргументација и целосно игнорирање на утврдени факти се дрзнува да прашува дали во 2022 година има услови за издавање на дозвола за експлоатација на нецелосно барање подесено во 2019 година, иако крајниот рок за такво целосно барање бил до 2016 година, велат од „Здрава котлина“.

Екологистите велат дека очекуваат реакција од политичките партии, пред да се состане Собранието на организацијата и да се донесат одлуките за нивните идни активности.

„Рудник нема да има, по цена и на нашите животи. Нашето парче земја ќе го браниме на секој начин. Сигурни сме дека ќе бидеме порадикални и пожестоки во нашите активности, бидејќи нашето учтиво однесување и чекањето случајот да се реши така како што треба, институционално, очигледно не успева“, вели Костадин Ристоманов од „Здрава котлина“.