fbpx

Контраспин: Правото на личен став, па и на министерката Шукова, е домашен и меѓународен стандард, без оглед што мислат од „Еуромакс Рисорсис“

Освен тоа, однапред го прогласија државниот функционер за пристрасно лице доколку министерството негативно се изрази за рудникот и последиците врз животната средина, само затоа што личниот став „прејудицирал пристрасност“

-

Компанијата со седиште во Канада, која треба да ја реализира „најголемата инвестиција“ во државата од независноста – изградба на рудник, во реакцијата за изразен личен став на државен функционер (министерката за животна средина Каја Шукова), бара (апелира) од државните функционери да се воздржат од лични ставови, зашто тоа било прашање на однос меѓу влада и инвеститори за кој имало соодветни одлуки на суд!? Освен тоа, однапред го прогласија државниот функционер за пристрасно лице доколку министерството негативно се изрази за рудникот и последиците врз животната средина, само затоа што личниот став „прејудицирал пристрасност“, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Пишува: Теофил Блажевски

Компанијата „Еуромакс Рисорис“ излезе со реакција во јавноста во врска со изјава на министерката Каја Шукова, во која има елементи и на спин:

Спин: „Изразуваме загриженост што процесот на реализација на најголемата инвестиција од независноста на државата повторно се внесува во контекстот на дневно политичката агенда. Освен што изминатите денови се зголеми интензитетот на пласман на манипулативни и лажни вести, се создава впечаток дека противниците на рудникот не се свесни за евентуалните правно-финансиски последици од непостапувањето согласно позитивните законски прописи. Апелираме до носителите на државни функции да се воздржуваат од изнесување на лични ставови. Облигациониот однос меѓу Еуромакс Ресоурсис и Владата е државна работа која произлегува од правно валидни акти потврдени со одлуки на Суд, а не приватен и личен однос меѓу случајни познаници. Министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова има обврска да биде свесна на евентуалните правни последици од денешната нејзина изјава со која изрази личен став дека генерално е против рудници“, велат од компанијата, зашто „тоа прејудицира дека истата може да одлучува субјективно и пристрасно кога Еуромакс Ресорсис ќе го достави дополнувањето на Елаборатот за влијание врз животната средина до МЖСПП, студија која всушност ќе ги демантира сите манипулации за наводната штетност на рудникот по здравјето и животната средина“…

[Извор: „Слободен Печат“ – „Шукова можеби ќе биде пристрасна…“, датум: 14.07.2023]

 

Контраспин: „Еуромакс Рисорсис“ се разбира дека ќе ги употреби сите аргументи и методи да го пласира својот став за реализација на инвестицијата рудник, за кој имаат добиено концесија многу одамна, бидејќи тоа е нивни бизнис интерес број еден во моментот во државава, но тоа не им дава за право да комуницираат со јавноста во манипулативен, заканувачки и спинерски манир, елементи какви што може да се забележат во нивната реакција во јавноста од 14.07.2023 година.

Реакцијата на компанијата се однесува на изјавата на министерката за животна средина Каја Шукова, која, запрашана за протестот што се организира во Струмица на 15.07. против изградбата на рудникот, рече дека лично таа е против изградба на рудници и дека Владата треба да биде внимателна и ќе ја преразгледа одлуката околу спојувањето на концесиите за оваа инвестиција, донесена по одлуката на надлежен суд:

Ја разбирам загриженоста на граѓаните. Ако можам денеска да го кажам мојот личен став, лично сум против нови рудници во државата. Мислам дека тој земјоделски крај каде што треба да се развива земјоделието и каде државата ги поддржува земјоделците треба да ни биде приоритет. Тоа е мојот личен став Во меѓувреме се консултиравме со професори од оваа проблематика за да имаме сознанија. Тоа е тешка загадувачка индустрија и мислам дека сите, вклучително и владата треба да сме внимателни во овој процес, додаде министерката.

На ова од компанијата реагираат и упатуваат пораки во кои може да се заблежат спинови. На пример, ставот дека процесот за реализација на „најголемата инвестиција од независноста“ на државата, „повторно се внесува во контекстот на дневно политичката агенда“, ја извртува вистината, бидејќи прашањето за еколошките последици од некоја инвестиција во рудник, па нека е и „најголема од независноста“, е од огромен јавен интерес. Како такво, ова прашање може, но и не мора да се става во некаква друга агенда, освен легитимниот јавен интерес за последици по животната средина . А, ваквиот нивни став вграден на почеток на реакцијата за Шукова, може да се прочита дека и Шукова ја дала изјавата како дел од дневно политичка агенда, што би се рекло, „ќе му кажеме на народот тоа што сака да го слушне“.

Компанијата потоа наведува оти „се создава впечаток дека противниците на рудникот не се свесни за евентуалните правно-финансиски последици од непостапувањето согласно позитивните законски прописи“.

Ваквиот став е, исто така, извртување на вистината, зашто „противниците на рудникот“, меѓу кои по лично убедување спаѓа и Шукова, секако дека се свесни колку големи средства на име на „пенали“ може да плати земјата ако ја попречи инвестицијата. Таа, како министер, се разбира дека ги знае бројките и можните последици ако не се изгради рудникот. Но, оваа реченица за „несвесните“ во реакцијата на компанијата, создава впечаток и на не баш фино спакувана закана од типот – ќе видите колку голема отштета ќе треба да ни платите, само ако ни го попречите бизнисот!

Но, секако, најголемиот спин лежи во делот од рекацијата каде што се повикуваат државните функционери да се воздржуваат од изнесување на лични ставови, затоа што односот меѓу Владата и компанијата бил „државна работа“ која произлегувала од „правн валидни акти потврдени со одлука на Суд“, а не „приватен и личен однос…“.

Спинот е што компанијата бара поради формален однос на странски инвеститор со влада на една земјата, државните функционери, па и Шукова, да се воздржат од лични ставови.

Од „Еуромакс Рисорсис“ би требало да знаат дека секој човек, па и Шукова (или друг функционер) има гарантирано право лично да го искаже своето мислење и дека таа гаранција спаѓа во корпусот гаранции за оставрување на човековите прави што произлегуваат и со Уставот и со меѓународни правни акти – „библии“, од типот на Универзаланата декларација за човековите права на ООН или Европската Конвенција на заштита на човековите права на Советот на Европа. Дотолку повеќе што според ресорот што го раководи и самата функција што ја има, тежината на одбрана на јавниот интерес треба да и е иманентна и дотолку повеќе што според истите домашни и меѓународни „библии“, неприкосновено човеково право е и право живот во здрава животна средина.

Оттука, врзувањето на односот меѓу компанија и влада, каков и да е, не исклучува и изразување на лично мислење на државен функционер, па и на оној кој, според ресорот, е дел од процесот (на реализација на инвестицијата). Затоа, апелот на компанијата образложен на тој начин, е извртена вистина или спин.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Последните часови од животот на Платон опишани во дешифриран свиток, бил облеан со вулкасни пепел од Везув

Нова технологија овозможи да се дешифрираат пасуси од свиток кој бил облеан со прашина од познатата ерупција на Везув во 79 година н.е. Во новооткриените пасуси може да се...