„Call of Duty“ останува на Плејстејшн уште десет години – Мајкрософт и Сони постигнаа договор

Склучувањето на договорот следува откако американски судија ги одби повиците на Федералната трговска комисија да го блокира Мајкрософт во намерите да ја преземе „Активижн Близард“

The Conmunity - Pop Culture Geek from Los Angeles, CA, USA, CC BY 2.0 , via Wikimedia Commons

Видеоиграта „Call of Duty“ ќе остане на конзолата Плејстејшн во наредните десет години – со ваков договор заврши борбата за иднината на играта помеѓу компаниите „Сони“ и „Мајкрософт“.

Склучувањето на договорот следува откако американски судија ги одби повиците на Федералната трговска комисија да го блокира Мајкрософт во намерите да ја преземе „Активижн Близард“ – компанијата – креатор на „Call of Duty“.

Од Мајкрософт за Би-би-си потврдиле дека со Сони е постигнат 10-годишен договор само за оваа видеоигра на „Активижн Близард“, слично како што беше склучен договор и со Нинтендо.

Првичната понуда на Мајкрософт предвидуваше сите постоечки наслови на „Активижн“, вклучувајќи ги и идните верзии на франшизите како „Call of Duty“ да бидат достапни и за Плејстејшн до крајот на 2027 година. Сегашниот договор предвидува условите да важат 10 години, но само за „Call of Duty“.

Доколку Мајкрософт се стекне со „Активижн“, договорот вреден 69 милијарди американски долари ќе биде најголем досега во гејминг индустријата.

Американската Федерална трговска комисија се обидува да го блокира склучувањето на договорот. Одлуката на американскиот судија од четвртокот да го одбие на барањето на комисијата значи дека спојувањето на двете компании би можело да се случи веќе утре.

Американскиот регулатор тврди дека договорот ќе ја намали конкуренцијата.

Од друга страна, договорот беше одобрен од Европската Унија, додека во моментов под жалба е обидот за блокирање на спојувањето во Обединетото Кралство.

За да може да се склучи, договорот треба да биде одобрен од регулаторите во САД, ЕУ и Велика Британија.