ЕУ со зелено светло за преземањето на „Активижн“ од „Мајкрософт“

Од ЕК велат дека длабинската истрага на пазарот покажала оти „Мајкрософт“ „нема да може да им наштети на ривалските конзоли и ривалските услуги за претплата за повеќе игри“

Фото: Matthew Manuel on Unsplash

Регулаторите на ЕУ го одобрија обидот на „Мајкрософт“ за 69 милијарди долари да ја купи американската компанија „Активижн близард“, која е една од најголемите компании за видео-игри, пишува Би-Би-Си. 

Од Европската комисија (ЕК) потврдија дека „Мајкрософт“ соодветно одговорил на нивната загриженост во однос на прашањето за конкурентност. Имено, станува збор за најголем договор што е склучен во историјата на видеоигрите.

Ваквата одлука на ЕУ доаѓа три недели откако Обединетото Кралство го блокираше договорот поради загриженоста дека ваквото преземање ќе ја наруши конкурентноста  во бизнисот со видео-игри.

Глобалните регулатори се со поделени ставови во однос на планираниот чекор на „Мајкрософт“.

Американската федерална комисија во декември лани поднесе тужба за блокирање на планираното преземање на „Активижн близард“, но малку е веројатно судската одлука да се донесе пред крајот на годинава.

Инаку, ЕК го одобри купувањето поради понудата на „Мајкрософт“ за 10-годишни бесплатни договори за лиценцирање. Тие им ветуваат на европските потрошувачи и на услугите за стриминг игри на клауд пристап до игрите за компјутери и конзоли на „Активижн“, што би значело оти ќе има фер конкуренција на пазарот.

Од ЕК велат дека длабинската истрага на пазарот покажала оти „Мајкрософт“ „нема да може да им наштети на ривалските конзоли и ривалските услуги за претплата за повеќе игри“.

Од Комисијата велат дека давателите на услуги за стриминг на игри на клауд дале позитивни повратни информации и покажале интерес за лиценците, при што некои од нив веќе склучиле договори со „Мајкрософт“ врз основа на нивните предлози.