По Велика Британија, и САД се обидуваат да го блокираат преземањето на „Активижн“ од „Мајкрософт“

Предложеното стекнување на „Мајкрософт“ со „Активижн“ ги подели глобалните регулатори на пазарот

Tarcil Tarcil, CC BY 2.0 , via Wikimedia Commons

Регулаторите во САД побараа од судијата да го блокира „Мајкрософт“ во обидите да го заврши купувањето на компанијата „Активижн Близард“ во вредност од 69 милијарди американски долари.

Федералната трговска комисија на САД вели дека договорот, кој, доколку се заврши, ќе биде најголемиот во историјата за видео игри, би можел „суштински да ја намали конкуренцијата“ во оваа индустрија, пишува Би-Би-Си.

Предложеното стекнување на „Мајкрософт“ со „Активижн“ ги подели глобалните регулатори на пазарот. За да може договорот да помине, потребно е да добие одобрение од регулаторните тела во Обединетото Кралство, Европската Унија и во САД.

Претходно, Обединетото Кралство го блокираше договорот поради загриженост дека истиот ќе ѝ наштети на конкуренцијата.

ЕУ, пак, го одобри. Тамошните регулатори потврдија дека „Мајкрософт“ соодветно одговорил на нивната загриженост во однос на прашањето за конкурентност. Европската комисија рече дека понудата на „Мајкрософт“ за десетгодишни бесплатни договори за лиценцирање, кои им ветуваат пристап до игрите на „Активижн“ на европските потрошувачи и услугите за „клауд“ игри, значела оти ќе има фер конкуренција на пазарот.

Во однос на развојот на настаните во САД, од „Мајкрософт“ рекоа дека ја поздравуваат можноста да го претстават случајот пред федералниот суд и да ги убедат регулаторите да дозволат договорот да биде завршен.

„Активижн Близард“ ги произведува легендарните видео-игри „Call of Duty“ и „Candy Crush“.