Управата за конкуренција и пазари на Велика Британија го блокираше договорот вреден 68,7 милијарди долари со кој Мајкрософт требаше да ја купи американската компанија за видеоигри Активижн Близард.
Британскиот регулатор рече дека е загрижен оти договорот ќе понуди намалени иновации и помал избор за гејмерите во брзорастечкиот гејминг бизнис, јави Би-би-си.
И Мајкрософт и Активижн рекоа дека ќе се жалат на одлуката.
„Извештајот на Управата за конкуренција и пазари е во спротивност со амбициите на Обединетото Кралство да стане атрактивна земја за градење технолошки бизниси“, изјави портпаролот на Активижн.
Претседателот на Мајкрософт, Бред Смит рече дека компанијата и понатаму е посветена на купувањето.
„Одлуката на Управата го отфрла прагматичниот пат за решавање на проблемите со конкуренцијата и ги обесхрабрува технолошките иновации и инвестициите во Обединетото Кралство“, рече тој.
За да се оствари, договорот меѓу Мајкрософт и Активижн треба да биде одобрен од регулаторните тела во Обединетото Кралство, САД и Европската Унија.
Британскиот регулатор е првиот што донесе одлука, а ваквата постапка може целосно да го запре преземањето.
ЕУ треба да донесе одлука до 22 мај, а во меѓувреме Федералната трговска комисија на САД преку тужба се обиде да го блокира преземањето на Активижн. Истрагата е сè уште во тек.
Покрај големата финансиска инвестиција, оваа делка за Мајкрософт е важна бидејќи компанијата сака да ја зајакне својата позиција на идниот пазар на игри.
Доколку договорот се одобри, Мајкрософт ќе се стекне со хит видеоигрите како „Call of Duty“ и „Candy Crush“. Компанијата која ја поседува конзолата „Ексбокс“ вети дека во наредните најмалку десет години ќе ги остави овие игри достапни и за ривалските конзоли.
„Мајкрософт“ најави купување на компанијата што ги создаде „Call of Duty“ и „Candy Crush“