Министерката Шукова ќе присуствува на протестот против рудникот Иловица-Штука

Министерката денеска изјави дека лично е против отворање на рудник во земјоделски крај и дека производството на храна секогаш треба да биде приоритет

Фото: Министерство за животна средина

Министерката за животна средина Каја Шукова ќе оди на утрешниот протест во Струмица, организиран од граѓанското здружение „Здрава Котлина“, против отворање на рудникот Иловица-Штука.

Министерката денеска изјави дека лично е против отворање на рудник во земјоделски крај и дека производството на храна секогаш треба да биде приоритет во однос на високо загадувачки индустрии.

„Утре ќе бидам во Струмица и ќе се придружам на протестот. Сакам да ги слушнам граѓаните и да бидам дел од овој процес. Во координација со премиерот и другите министри повторно ќе ја разгледуваме одлуката за спојување на двете концесии. Ние сме мала држава и мислам дека земјоделството треба да ни биде приоритет. Мораме да бидеме многу внимателни кога даваме дозволи за експлоатација за тешко загадувачка индустрија“, рече Шукова.

Таа посочи дека ја разбира загриженоста на граѓаните и дополни дека нејзиниот личен став е идентичен како и нивниот, против отворање нови рудници во земјата, особено во земјоделски крај. Шукова потенцираше дека треба да се развива производството на храна, и дека тоа треба да ни биде приоритет, што државата активно го прави во последните години и што резултира со голема успешност во спроведувањето на ИПАРД програмата во земјата, која веќе почнува и со третиот циклус.

Шукова изјави дека студиите за влијание врз животната средина не се тајна, туку дека во министерството не е пристигнато барање за ваква постапка за оценка на влијанијата. Посочи дека доколку дојде до таа фаза, документот ќе биде многу серизно и внимателно разгледан, исто како и процесот што ќе биде понуден за експлоатација на руда во тој регион. Посочи дека веќе се консултирани и експерти од областа кои потврдиле дека се работи за тешка и загадувачка индустрија, заради што побара сите засегнати страни да бидат многу внимателни во процесот.

На изјавата на министерката Шукова денеска реагираа и од концесионерот „Еуромакс Ресоурцес“ од каде се загрижиле што министерката искажала личен став.

„Апелираме до носителите на државни функции да се воздржуваат од изнесување на лични ставови. Облигациониот однос меѓу Еуромакс Ресоурцес и Владата е државна работа која произлегува од правно валидни акти потврдени со одлуки на суд, а не приватен и личен однос меѓу случајни познаници. Министерката Каја Шукова има обврска да биде свесна на евентуалните правни последици од денешната нејзина изјава со која изрази личен став дека генерално е против рудници. Тоа прејудицира дека истата може да одлучува субјективно и пристрасно кога Еуромакс Ресоурцес ќе го достави дополнувањето на Елаборатот за влијание врз животната средина до МЖСПП, студија која всушност ќе ги демантира сите манипулации за наводната штетност на рудникот по здравјето и животната средина“, се вели во реакцијата од компанијата.

Протестот на жителите на трите општини од југоистокот – Струмица, Босилово и Ново Село ќе се организира утре во 11 часот на раскрсницата во центарот на Струмица, до градскиот пазар „Глобал“ и е директна реакција на одлуката на Владата со која се спојуваат концесиите за рудникот „Иловица-Штука“ откако Управниот суд ја уважи тужбата на компанијата „Еуромакс Ресоурцес“ против одлуката на Владата да се раскине договорот за една од концесиите.

Владата со оваа одлука повторно отвори пат за реализација на намерите за ископување на злато и бакар во Струмичката котлина. Претходно, Управниот суд во февруари годинава ја уважи тужбата на компанијата „Еуромакс Ресоурцес“ против одлуката на Владата да се раскине договорот за една од концесиите, откако Вишиот Управен суд во октомври лани, третпат го врати предметот на повторно одлучување. Тоа предизвика реакции кај жителите на трите општини од регионот и граѓанските организации кои неколку години се борат за зачувување на овој земјоделски крај.