„Здрава котлина“ ја одби поканата на „Еуромакс Ресурсес“: рудник нема да има, нема што да мониторираме

Фото: „Еуромакс Ресоурцес“

Екологистите од „Здрава котлина“ ја одбија поканата на компанијата „Еуромакс Ресурсес“ што сака да го копа рудникот Иловица-Штука, за работна средба и формирање на независно мониторинг тело. Тие за возврат ја повикаа компанијата на дијалог и тоа пред камери, во кој ќе ги спротивстават ставовите и фактите, дали треба или не, да има рудник во струмичко.

„Еуромакс Ресурсес“ вчера во отворено писмо го покани членството на „Здрава котлина“ на средба со образложение дека компанијата се залага за широка инклузивност и транспарентност преку конструктивен дијалог и соработка низ форма на партиципативна демократија со сите релевантни здруженија, кои како приоритет во нивниот граѓански активизам ја имаат заштитата на животната средина.

„Преку ова отворено писмо до лидерството на Здрава котлина ја повторуваме поканата за заедничка работна средба, на која би ги разгледале и модалитетите за нивното активно учество во формирањето и функционирањето на Независното мониторинг тело за постојан надзор и контрола, заедно со експертите од науката, претставниците од локалните управи и жителите од директно засегнатите општини. Согласно позитивната законска регулатива, ваквото независно тело ќе остварува неопходна соработка со сите надлежни државни органи и институции, како и со неодамна формираниот Граѓански инспекциски совет по иницијативата на ‘Зелениот институт’ и 26-те невладини организации“, се вели во поканата од „Еуромакс Ресурсес“.

Од компанијата пишуваат дека ставовите на активистите се агресивни и со говор на омраза кон сите кои различно размислуваат и делуваат од нив и дека не очекуваат веднаш да ги променат, но очекуваат, како што велат, граѓанска креативност и позитивизам и убедени се дека со работни средби и цивилизиран дијалог, можат да успеат да го изградат и оперираат комплексот за бакар Иловица-Штука како ‘вин–вин’ капитална инвестиција.

Граѓанските активисти, пак, кои веќе неколку години се борат за зачувување на својата животна средина во овој земјоделски крај, велат дека „Еуромакс Ресурсес“ ниту има концесија, ниту пак елаборат за отворање рудник, заради што нема ниту потреба од мониторинг тело. Но, подготвени се за дијалог и тоа пред јавноста на некоја од локалните или националните телевизии.

„Еуромакс Ресурсес“ уште во јуни добија покана од телевизијата Вис, која ние ја прифативме, да се појавиме на соочување, но тие ја избегнаа. Еве сега повторно се отвора можност да се појавиме на јавна дебата. Што се однесува до заедничкото тело за надзор над рудникот, сметаме дека за тоа нема никаква потреба, ниту пак е законски. Компанијата нема дозвола, ниту пак работат нешто, на што ние би можеле да бидеме надзор. „Еуромакс Ресурсес“ тука си имаат работа само со институциите, поточно со судовите“, вели Костадин Ристоманов од „Здрава котлина“.

Екологистите велат дека нивните постапки изгледаат радикални заради тоа што се искрени, истрајни и посветени во борбата за подобро општество.

„Ние сме истите со години, со исти ставови и се поголема сила, со се поголемо влијание без оглед на политички гарнитури. Ние сме дома свои на своето. Од друга страна тие овде се странци и пробуваат да креираат хаос и раздор преку платени активности за поддршка“, велат од „Здрава котлина“.

Случајот со рудникот Иловица – Штука во јули доби нов пресврт, откако Вишиот управен суд го поништи решението на Управниот суд со кој се одбиваше жалбата на „Еуромакс Ресурсес“ за одземената концесија и донесе одлука да има повторно судење во Управниот суд. Претходно, Управниот суд со решение во октомври лани, ја одби жалбата на компанијата како неоснована, а сега со одлуката на Вишиот управен суд случајот повторно се враќа на почеток пред Управниот суд. Жалбата на „Еуромакс Ресурсес“ се однесуваше на преиначување на пресудата на Управниот суд со цел да ја задолжи Владата да ја поништи одлуката за еднострано раскинување на концесијата како неоснована и да ја задолжи Владата да ги спои концесиите.

„Оваа одлука е донесена заради техничка грешка, бидејќи во барањето за одземање на концесијата бил наведен член од новиот, а не од стариот закон, според кој е доделена концесијата. Дали е тоа случајна грешка или не е дискутабилно, но кај нас има сомнение дека се работи за корупција и конфликт на интереси. Тоа е причината што сега случајот наместо да заврши се враќа во Управниот суд, а „Еуромакс Ресурсес“ се става на апарати и продолжува да живурка како субјект“, вели Ристоманов.