Бектеши лично мисли дека рудник не треба да има, но морал да работи според закон, за државата да не добие тужба

Тој тврди дека сета документација околу случајот им била доставена на неговите колеги министри ден пред одржувањето на седницата на 27 јуни, кога Владата донесе одлука за спојување на концесиите и дека тоа било еден од условите за точката воопшто да може да се најде на дневен ред како дополнителна

Фото: „Еуромакс Ресоурцес“

Министерството за економија барањето на компанијата „Еуромакс ресусрис“ за спојување на двете концесии за рудникот Иловица-Штука го доставило до Владата за да одлучува заради тоа што така наложувал законот, кажа на брифинг со новинарите министерот Крешник Бектеши и посочи дека ако е важно неговото лично мислење, тој смета дека во струмичко не треба да има рудник.

Тој тврди дека сета документација околу случајот им била доставена на неговите колеги министри ден пред одржувањето на седницата на 27 јуни, кога Владата донесе одлука за спојување на концесиите и дека тоа било еден од условите за точката воопшто да може да се најде на дневен ред како дополнителна. За постапката да биде итна, односно точката да не се носи по редовната процедура, низ владините комисии пред да дојде на разгледување, Бектеши вели дека така проценило неговото министерство, заради други слични предмети кои се во тек во земјава.

Бектеши денеска на брифингот информираше за хронолошкиот ред на настаните поврзани со случајот „Рудник за злато и бакар Иловица-Штука“. Тој неодамна, одкако Владата донесе одлука за спојување на двете концесии на Еуромакс ресурсис, беше прозван од неколку министри дека одлуката ја протнал по итна постапка и без расправа, а според понуденото образложение сите министри гласале „за“.

Бектеши вели дека оваа процедура е согласно со законот откако Управниот суд го поништи старото решение на Министерството од 2019 година со кое им се одзема првата концесија на Еуромакс.

„Додека постоеше само една концесија немаше смисла да се бара спојување на концесиите. Сега, откако судот им ја врати првата концесија, повторно добивме барање за спојување. Наша обврска е да ја доставиме до Владата, а министрите да донесат одлука“, вели Бектеши и посочува дека ставот на министерството за економија е дека за државата е добро да биде донесена одлука, било позитивна или негативна, заради тоа што на тој начин се почитува законот и се избегнува можноста државата да биде тужена и да се најде на арбитража.

Концесионерот „Еуромакс ресурсис“ сега има нови четири години во кои ќе треба да обезбеди документација за да може да бара дозвола за експлоатација, но тоа ќе треба да го направи по нови изменети услови во законите. Според Законот за минерални суровини, концесинерот во следните години треба да достави докази за решени имотно-правни работи, геодетски елаборат, главен рударски проект, да изготви Студија за оцена на влијанието врз животната средина и решение за студијата, план за управување со отпад, финансиска гаранција, дозвола за користење на вода и уште неколку документи.

Документацијата се обезбедува од неколку министерства, меѓу кои и тие за животна средина, за земјоделство, за внатрешни работи, за транспорт и врски, но и други институции, кои ќе треба да дадат свое мислење, а Министерството за економија, врз основа на нив на крај може да ја издаде или не дозволата.

„Институциите кои сметаат дека таму не треба да има рудник можат да дадат негативно мислење за барањата кои се во нивна надлежност и ние уште следниот ден ќе ја одземеме концесијата“, вели Бектеши и посочува дека Министерството за економија нема правни можности да се жали на последната одлука на Управниот суд, и дека таа е конечна.

Владата, откако случајот доби големо внимание во јавноста и по протестот што го организираа граѓанските здруженија од југоистокот кои се борат да ја зачуваат котлината, најави дека точката повторно ќе се најде на дневен ред, а одлуката за спојување на концесиите ќе биде ревидирана. Министерот Бектеши ќе треба идниот вторник да ги презентира хронолошки настаните кои доведоа до спојувањето. Денеска тој тоа го направи и пред новинарите.

Според податоците од министерството за економија, случајот е започнат во 2005 година со првото барање за концесија, кое се проширило во 2009 година со барање за уште една концесија на многу поголема територија и која територијално ја вклучува и првата концесија. Во сите години во изминатите речиси две децении во предметот се собрале десетици мислења од различни институции и ниту едно не е негативно и против доделување на право на фирмата да копа злато на Огражден. Мислења има и од најзасегнатите две општини, Босилово и Ново Село и тие се позитивни.

Хронолошки, според информациите на Министерството за економија, случајот Иловица –Штука изгледа вака:

За првата концесија:

– постапката почнува во октомври 2005 година поднесено е Барање за детални геолошки испитувања на теренот од компанијата Фелпс Доџ

-март 2006 добиени се позитивни мислења за тоа барање од министерствата за животна средина и за земјоделство

-подоцна во 2006 година Владата на тогашниот премиер Владо Бучковски го одобрува барањето за геолошки испитувања

-2011 година поднесено е Барање за доделување на концесија за експлоатација за минерални суровини доставено од Фелпс Доџ заедно со Студија за оцена за влијанијата врз животна средина и уште неколку студии со позитивни мислења од Управата за животна средина, од министерствата за култура, за земјоделство, за транспорт, како и од општината Босилово

-16 јуни 2012 Владата донела одлука за доделување на концесија за експлоатација на минерални суровини на Фелп Доџ, а одлуката ја потпишал Зоран Ставрески

– на 22 Јули 2016 концесионерот побарал дозвола за експлоатација на минерални суровини, во февруари 2017 година го дополнува барањето

– во 2019 година барањето им е одбиено од Министерство за економија заради тоа што документацијата им е некомплетна

– во декември 2019 година Владата носи одлука за раскинување на концесијата

– започнуваат постапките пред македонските судови што резултираа со последната одлука на Управниот суд

За втората концесија:

  • постапката почнува во 2009 година со инцијатива за почнување на детални геолошки истражувања од компанијата Фелпс Доџ
  • 2010 година позитивни мислења доставиле општините Босилово и Ново Село, министерствата за животна средина, земјоделство, Управа за водостопанство и други
  • декември 2015 година Владата донела одлука за доделување на концесија за експлоатација на минерални суровини потпишана од Никола Груевски
  • 2015 позитивни мислења за одлуката дале општините Босилово и Ново Село, министерствата за животна средина, земјоделство, за транспорт и врски, Заводот за заштита на културата од Струмица, Управата за заштита на културно наследство и други
  • – 5 Ноември 2019 година Еуромакс ресурсис побарале дозвола за експлоатација на минерални суровини, но биле известени дека барањето не им е комплетно

Спојување на двете концесии:

-2016 година Еуромакс ресурсис побарале спојување на двете концесии

-2018 година Министерство за економија предлогот за спојување на концесиите го доставува до Владата, нема одлука затоа што е изборна година

-2019 година Министерство за економија повторно предлогот за спојување на концесиите го доставува до Владата, немало одлука

– декември 2019 година се раскинува договорот за првата концесија

– февруари 2023 година Управен суд ја поништува одлуката за раскинување на концесијата

-27 Јуни 2023 година Министерство за економија третпат предлогот за спојување на концесиите го доставува до Владата, кога е усвоен