Вишиот Управен суд донесе одлука за рудникот Иловица-Штука, но не се знае што пресудил

Локацијата на која требаше да се гради рудникот во струмичко

Вишиот Управен суд донесе одлука во предметот за рудникот Иловица-Штука, но нејзината содржина останува непозната за јавноста. Одлуката, како што потврдија од оваа институција за Мета, е донесена на 20 ноември. Сепак, таа сè уште не е објавена на веб страната на судот, каде што се објавуваат сите одлуки на оваа институција. Од Судот не одговорија на нашето прашање какво е нивното решение, туку само дека предметот е пратен кај странките.

„Ве известуваме дека по извршениот увид во писарницата на Вишиот управен суд, е констатирано дека предметот од страна на Управниот суд е доставен на 8.10.2020 година. Од страна на Вишиот управен суд, по предметот е донесена одлука на 20.11.2020 година“, стои во информацијата од Вишиот Управен суд.

Целиот предмет со сите списи и одлуката, според информации од Судот, минатата недела се испратени назад во Управниот суд, заради негово понатамошно постапување. Овој суд ќе треба одлуката да им ја достави на странките во постапката, Државната Комисија за одлучување во управна постапка во втор степен и канадската компанија „Еуромакс ресурсис“.

Од здружението „Здрава Котлина“, кое веќе подолго време организира протести против отворањето на рудникот, велат дека жителите на Босилово и Ново село, но и на сите општини на југоистокот, отворање на рудници во овој земјоделски крај нема да дозволат. Активистот Костадин Ристоманов вели дека не се информирани дека Вишиот суд донел одлука, иако веќе со месеци со нетрпение ја очекуваат.

Предметот во Вишиот Управен суд стаса oткако и државата и „Еуромакс“ во јули ја обжалија одлуката на Управниот суд, со која ја поништи одлуката на Второстепената државна комисија за управни спорови, за раскинување на договорот за концесија со „Еуромакс“. Вишиот Управен суд е последната инстанца која може да одлучи или да донесе своја одлука или предметот да го врати повторно кај Второстепената комисија.

Договорот за концесија за експлоатација на бакар и злато на планината Огражден кај Иловица во општината Босилово беше еднострано раскинат од Владата минатото лето. Образложението беше дека концесионерот нема поднесено барање со целокупна неопходна документација за издавање на дозвола за експлоатација на минерални суровини во рок од четири години по склучување на договорот за концесија. Одлуката за одземање на концесијата ја потврди и Второстепената комисија за одлучување во управна постапка, откако ја одби жалбата, која ја поднесе компанијата „Еуромакс“. По повторната жалба од концесионерот, Управниот суд уважи само дел од жалбеното барање, врзано со процесни неправилности, односно барањето надлежниот орган на концесионерот прво да му одговори на барањето за спојување на двете концесии Иловица 6 и Иловица 11. На оваа одлука се жалеа и државата и компанијата и предметот отиде во Вишиот Управен суд.