Не за рудникот Иловица-Штука, илјадници граѓани на протест во Струмица

„Копајте си ги очите, а не злато од планините“, „Среќно семејство или рудник на смртта“,  „Да го спречиме пред да не сотре“ се само дел од пораките кои беа упатени на протестот

Фото: Мета.мк

Илјадници граѓани од целата земја се собаа денеска на протест во Струмица против отворање на рудник за злато и бакар на планината Огражден. Тие порачаа дека нема да дозволат плодното струмичко поле да стане жртва на бизнис апетити. „Копајте си ги очите, а не злато од планините“, „Среќно семејство или рудник на смртта“,  „Да го спречиме пред да не сотре“ се само дел од пораките кои беа упатени на протестот.

Здруженијата Здрава Котлина од Струмица и Еко Долина од Ново Село, го организираа настанот откако Владата донесе одлука со која се спојуваат концесиите за рудникот „Иловица-Штука“, по одлуката на Управниот суд ја уважи тужбата на компанијата „Еуромакс Ресоурцес“ против одлуката на Владата да се раскине договорот за една од концесиите и на тој начин и ја оживеаја идејата за раскопување на плодната котлина.

Учесниците на протестот денеска повикаа во борбата против рудникот да се соберат сите свесни и совесни граѓани на кои животот им значи, бидејќи велат дека доколку останат пасивни ќе им дозволат на моќници да им диктираат како да живеат, на начин кој не е во склад со природата.

„Нашите баби и дедовци во минатото бирале слобода или смрт, а ова денес е избор меѓу живот или смрт. Некој мисли дека може да дојде и да го уништи животот, да направи геноцид. Не мора да сме експерти за да разбереме дека рудник од такви димензии ќе предизвика огромни загадувања“, велат граѓаните.

Еко активистот Митко Ристоманов од Еко долина им порача на Владата и надлежните судови да престанат со, како што вели, срамните и скандалозни одлуки спротивни на сите закони. Вели дека ќе се борат до крај за нивната здрава и чиста околина, за плодното струмичко поле кое вели нема да го загубат заради рудник.

Митко Ристоманов Фото: Мета.мк

„Сите правни аргументи се на наша страна и повеќе не може да се сокријат незаконските дејанија. Ние ќе продолжиме со сите начини на протест се до крајната цел одземање на двете, и онака истечени концесии на Еуромакс Рисорсис“, вели Ристоманов.

Во изминатите седум години се направени повеќе од триесет протести низ сите три засегнати општини, а Ристоманов вели дека активистите никогаш нема да се изморат.

„Рудник нема да има, ќе останеме на нашиот став до крај. Пријавениот концесиски надоместок од два отсто што ќе остане во државата е смешен во однос на профитот што ќе го извлече концесионерот. Негативните последици за животната средина се застрашувачки, ќе се ископа дупка со длабочина од 600 метри и ќе се создаде хидројаловишно езеро со над 210 милиони кубни метри отрови на ридот над Иловица и Штука. Ветерот ќе разнесува отровна прашина, ќе има постојани потреси од минирања, ќе се создаде природна сулфурна киселина од самите карпи и ќе ни треба над 2000 години за природата сама да се излечи“, вели Ристоманов.

Организаторите добија поддршка од 41 граѓансака организација и седуммина професори. Тие побараа институциите итно и неодложно да ја одземат споената концесија за рудникот Иловица-Штука и укажаа на опасната закана за здравјето и животната средина во Струмичкиот регион од отворањето на рудникот.

„Им даваме недвосмислена поддршка на жителите во регионот и на граѓанските активисти кои со години се борат против отворање на овој опасен рудник над земјоделската оаза и го подигаме гласот против овие патолошки случувања во македонското општество“, се вели во поддршката на граѓанските организации.

Автори: Сања Наумовска, Никол Клесова