По потегот на Советот на општина Ново Село кој минатата недела донесе едногласна одлука против отварањето на рудниците во Иловица и Штука, уште две општини од струмичкиот микро-регион донесоа одлуки против отварање на рудниците за бакар и злато.
Против отворање на рудниците денеска гласаше и Советот на општина Босилово, после одложената седница која што требаше да се одржи откако Владата ги спои двете концесии за рудникот „Иловица-Штука“ и по големиот граѓански протест што беше одржан во Струмица.
Во постот на Фејсбук профилот на советникот од „Стига е“, Стојан Велков-Трн вели дека конечно и Советот на општина Босилово едногласно застанал против рудниците.
„Овој декларативен став треба да ѝ укаже на централната власт дека доколку случајно решат да се дрзнат да ги прекршат законските регулативи и пробаат да отворат рудник овде, ќе се соочат и со жителите, но и со општините на оваа територија“, се вели во неговиот пост.
Идентична одлука донесе и Советот на општина Василево во петокот, при што советниците едногласно се изјаснија против отворање на рудниците за бакар и злато „Иловица – Штука“.
„Се бориме заедно со граѓаните, против одлуки кои го загрозуваат животот и здравјето на граѓаните!“, стои во објавата на општина Василево.
Против отворањето на овие рудници за злато и бакар на планината Огражден, илјадници граѓани од целата земја протестираа изминатиов период во Струмица.
Екологистите најавуваа дека борбата против рудниците продолжува до крајната цел и порачаа дека „Рудник нема да има“.