Советот на Босилово повторно не одлучуваше за рудникот „Иловица-Штука“, седницата прекината без образложение

Екологистите велат дека претседателот на Советот, Мито Андонов самиот одлучил воопшто да не ја започне седницата, а на советниците им ја заклучил и вратата од зградата

Фото: Здрава Котлина

Седница на Советот на Општината Босилово била одложена без образложение за советниците, а две точки поврзани со отворање рудници во овој крај повторно не се најдоа на дневен ред. Екологистите велат дека претседателот на Советот, Мито Андонов самиот одлучил воопшто да не ја започне седницата, а на советниците им ја заклучил и вратата од зградата. Ова е прва седница што требаше да се одржи откако Владата ги спои двете концесии за рудникот „Иловица-Штука“ и по големиот граѓански протест што беше одржан во Струмица.

Денеска Андонов за „Мета.мк“ само кусо изјави дека образложение зошто немало седница има, а советниците во Општината ќе го добијат утре во писмена форма.

Советникот Стојан Велков, член на граѓанската иницијатива „Здрава котлина“ повеќе од шест месеци се заложува советниците да се изјаснат за одлука со која ќе се забранат сите тековни и идни активности за истражување и експлоатација на металични минерални суровини. Ова барање било поднеседно до Советот седумпати, но ниту еднаш не се нашло на дневен ред. На последната седница Велков побарал да се постави и втора точка, а тоа е секој советник поединечно декларативно да го искаже својот личен став дали е против рудник.

„Очигледно е дека се избегнува да се стават точките на дневен ред. Тоа не е случај само во Босилово, туку и во Ново Село и во Струмица“, вели советникот Велков. Тој најави дека и на следната седница ќе бара да се разговара за овие две точки, а како поддршка повторно ќе се појават и активисти.

Екологистите велат дека на последнта седница советниците не добиле можност да влезат во салата на Советот и да одлучат дали ќе има или не седница, која имала на дневен ред и други приоритетни прашања.

„Народот беше бесен, затоа што беше изигран. Очигледно беше самоволието на претседателот Мито Андонов, од кој ќе бараме писмено официјално известување, но и одговорност за одлагање на седницата,“ велат од „Здрава Котлина“.

Како поддршка пред Советот на Босилово биле присутни и педесетина активисти и борци против рудникот „Иловица-Штука“, кои разговарале со градоначалникот Ристо Манчев за потребата да се изгласаат двете точки.

Манчев денеска немаше време да одговори на прашањата на „Мета“ и побара да му бидат испратени на мејл.

„Првата точка е локален пропис и доколку се донесе како одлука на Советот, секојпат однапред ќе има важност за да се дестимулираат корпорциите што сакаат да ископуваат металични минерални суровини на територија на Босилово. Доколку во иднина Министерството за економија побара мислење за нов конкретен проект, и доколку Советот (сегашен или следен) сака да даде негативно мислење може оваа одлука да ја искористи како алатка да се заштити и повторно да даде негативно мислење. Но доколку Советот сака да даде позитивно мислење, тогаш ќе мора прво да ја поништи оваа одлука“, велат од „Здрава Котлина“.

Што се однесува до втората точка советниците ќе можат секој поединечно да го искажат својот став дали се против рудникот. Екологистите велат дека тоа е декларативен став и има за цел да се даде јасен сигнал дека Советот на Босилово е на страната на жителите и дава силна поддршка против рудникот.