Шукова: Не знаеме дали за „Иловица-Штука“ ќе има арбитража, тоа е само претпоставка

Владата пред два дена ја поништи одлуката за спојувањето на двете концесии за рудникот за злато и бакар „Иловица-Штука“

Министерките Каја Шукова (лево) и Јована Тренчевска на протестот против Еуромакс Рисорсис. Фото: Митко Ников. Објавено со дозвола за Мета.мк

Не е невообичаено било кој министер да побара некоја одлука Владата повторно да ја разгледува, како што тоа беше случајот со одлуката за спојување на концесиите за рудникот за злато и бакар Иловица-Штукa, рече денеска министерката за животна средина, Каја Шукова.

Таа посочи дека во моментов не се знае со сигурност дали за случајот ќе се отвори арбитражна постапка и дека тоа сега е само претпоставка. Министерката информира дека Владата ги следи настаните и работи според законите и верува дека доколку инвеститорот отвори таква постапка, исходот нема да биде на товар на граѓаните.

„На последната седница на Владата министерот за економија Крешник Бектеши детално ја образложи целата постапка поврзана со рудниците во изминатите речиси две децении, а Владата одлучи да ја поништи одлуката за спојување на концесиите на Еуромакс ресосрис. Како ќе продолжи понатаму постапката зависи од министерството за економија“, рече Шукова.

Владата пред два дена ја поништи одлуката за спојувањето на двете концесии за рудникот за злато и бакар „Иловица-Штука“, а тогаш министерот за економија, Бектеши рече дека тоа е враќање назад во состојбата кога немаше никаква одлука за барањето на „Еуромакс ресорсис“.

Тој нагласи дека повеќе државни и локални институции со години наназад носат позитивни мислења за потенцијалната инвестиција иако, како што рече, ако донесат еден акт дека отворањето рудник е спротивно на стандардите за заштита на животната средина и потенцијална опасност за водата, почвата и шумите, како што се зборува, тогаш неговото министерство ќе има основа веднаш да ги раскине концесиите.

Претходно, во јуни Владата донесе одлука да се спојат двете концесии на „Еуромакс ресурсис“, што предизвика револт кај граѓаните, а еколошките здруженија од регионот организираа протест во Струмица. Тие вчера ја поздравија одлуката на Владата да не се дозволи спојување на концесиите и побараа тие дефинитивно да бидат укинати.