За да биде правична, идеите за енергетската трансформација треба да потекнат од граѓаните 

Во процесот на праведна енергетска транзиција е потребно да се подигне капацитетот на локалните граѓански организации во Кичево и во Битола, бидејќи тие се неопходниот мост помеѓу институциите и креаторите на политики и граѓаните во тие заедници

Фото: Мета.мк

Инвестициите во обновливи извори на енергија и во енергетската ефикасност, се двата основни столба на зелената енергетска транзиција. Овој процес мора да биде и праведен и транспарентен и да потекне првенствено од локалните заедници во двата региони, кичевскиот и битолскиот, кои се зависни од употреба на фосилни горива.

Ова се само дел од поентите на учесниците на панел-дискусијата „Зелена енергетска транзиција и поздрава животна средина за европска иднина“, што денеска ја организираше Министерството за животна средина.

„Животната средина е тесно поврзана со речиси сите други области и сектори во државата и директно влијае на квалитетот на животтот на сегашните и идните генерации“, рече министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова.

Таа истакна дека зелената транзиција е една од областите во кои многу се вложува во последните години и дека европскиот Зелен договор нуди акциски план кој треба да ја зајакне ефикасната употреба на ресурсите за да се премине кон чиста циркуларна економија, враќање на биодиверзитетот и намалување на загадувањето.

Европската Унија има цел да постигне јаглеродно неутрален континент до 2050 година. За да го обезбеди тоа потребни се инвестиции во еколошки чисти и иновативни технологии, поддршка на индустријата за иновации, искористување на поздрави форми на јавен превоз, декарбонизирање на енергетскиот сектор и обезбедување енергетска ефикасност на објектите. Акцискиот план ги пропишува и начините за финасирање, а зелената трансформација претставува еден голем економски потфат, кој реално е неостварлив за голем број земји.

„Една од главните цели на Зелениот договор е да се обезбеди безбедна транзиција на посиромашните земји од високозагадувачки во екоодржливи. Економистите и екологистите долги години ги повикуваат креаторите на политики да ја зголемат цената на активности кои емитуваат стакленички гасови со воведување на даноци на јаглерод. Со цел намалување на емисиите доволно брзо и ефикасно владите не само што треба да го зголемат финансирањето на зелените иновации, туку потребно е да усвојат многу други политики кои ќе се однесуваат на секој друг неуспех на пазарот“, порача Шукова.

Еден од панелистите на настанот, Александар Дединец од МАНУ, истакна дека во последните години сите земји во Европската Унија и во регионот, меѓу кои и С. Македонија, ја зголемиле зависноста од увоз на енергија. Земјава во последните 20 години ја зголемила за околу 20 проценти и сега има над 60 отсто увозна зависност. За разлика од нас, државите од Западен Балкан зависноста ја зголемиле за 13, а земјите на ЕУ за седум проценти.

„Сите наши стратешки документи ги содржат основните принципи за надминување на оваа состојба. Тоа се енергетската ефикаснот и вложувањето во обновливи извори на енергија. Со енергетската ефикасност ќе се намали потрошувачката на енергија и тоа е најдобриот домашен ресурс. Еден килограм нафтен еквивалент потрошен во индустријата кај нас генерира 3,3 евра, а во ЕУ над осум евра, што покажува колку сме неефикасни. Немаме ниту дилема дека она што треба да го направиме се инвестициите во обновливи извори на енергија. Имаме знаење и капацитет, само треба да ги подобриме постапките во кои се реалзиираат овие инвестици“, рече Дединец.

Тој посочи дека иако македонските домаќинства трошат двојно помалку енергија по глава на жител споредено со европските, сепак, кај нас 25 отсто од населението не може да ги загрее своите домови на адекватна температура. Решение за тоа, смета Дединец, се инвестиции во енергетска ефикасност кои морат максимално да се валоризираат. Тој информира дека е изработена мапа на над 14.000 хектари деградирано земјиште, каменести предели, стари индустриски објекти, рудници и јаловишта како најдобри потенцијални локации за изградба на соларни и ветерни централи.

Мапата е изработена од МАНУ и „Еко свест“ со поддршка на The Nature Conservancy, и покажува дека на овие површини може да се инсталираат централи со капацитет од 11 гигавати за сончева фотоволтаична енергија и 0.35 гигавати за енергија од ветер, што неколкупати ја надминува максималната бројка зацртана во Стратегијата за енергетика до 2040 година.

Елена Николовска, раководител на програма за клима во граѓанската организација „Еко свест“ посочи дека во процесот на праведна енергетска транзиција е потребно да се подигне капацитетот на локалните граѓански организации во Кичево и во Битола, бидејќи тие се неопходниот мост помеѓу институциите и креаторите на политики и граѓаните во тие заедници.

„Не смееме да ги занемариме граѓаните и нивните потреби. Мора да им објасниме што ќе се случува во текот на процесот на трансформација и да им оставиме доволно простор да го кажат својот став каква визија за развој имаат тие за својот крај. Идејата за тоа какви проекти ќе се спроведат во кичевскиот и битолскиот крај, но и било каде во земјата, треба да дојдат од локалното население. Доколку не е така, тогаш тој процес не е правичен“, рече Николовска.