Владата ја поништи одлуката за спојувањето на двете концесии за рудникот за злато и бакар Иловица-Штука

За поништувањето на одлуката на вчерашната седница по повеќечасовна дискусија и искажани различни ставови, гласале сите министри, освен Бектеши кој бил воздржан

Фото: Влада на РСМ

Владата ја поништи одлуката за спојувањето на двете концесии за рудникот за злато и бакар „Иловица-Штука“. Министерот за економија, Крешник Бектеши денеска на прес конференција информираше дека тоа значи враќање чекор назад во состојбата кога немаше никаква одлука за барањето на „Еуромакс ресорсис“. Ова, смета Бектеши, е спротивно на ставот и предлогот на министерството да се донесе одлука, без разлика дали ќе биде позитивна или негативна, заради заштита на интересите на државата во потенцијална арбитражна постапка која би се водела за случајот.

За поништувањето на одлуката на вчерашната седница по повеќечасовна дискусија и искажани различни ставови, гласале сите министри, освен Бектеши кој бил воздржан. Во оваа, како што рече, статус кво состојба, одново ќе се повторуваат процедурите од претходно бидејќи барањето за спојување на концесиите постои и Министерството за економија повторно ќе треба да го достави до Владата, заради што и смета дека непостапувањето на институциите е полошо од носењето на одлука.

„Министерството за економија мисли дека најдобра опција, кога веќе се повикуваме за заштита на животната средина е и да се донесе акт каде што се утврдува дека инвестицијата е спротивна на стандардите за заштита на животната средина. Тоа е основа за раскин на концесиите и Министерството за економија доколку добие такво мислење веќе следниот ден ќе ги раскине концесиите. Досега се што сме добиле биле позитивни мислења, а свесни сме дека инвестицијата ќе има влијанија и врз почвата и врз водите и врз шумите и имаме лепеза од можности да се донесе таков акт. Од друга страна непостапувањето на институциите е голем ризик за потенцијална арбтража“, вели Бектеши.

Тој очекува концесионерот да ја спори одлуката на Владата и вели дека тоа им е нивно право. Министерството ќе направи напори да ја одбрани, но смета дека таа не ја менува реалноста дека по одлуката на Управниот суд концесионерот поседува две концесии и има право да бара нивно спојување, а ќе можат и да бараат дозвола за експлоатација во законскиот рок и за двете концесии.

Владата веќе еднаш ја одзема првата концесија на „Еуромакс ресусрис“ во 2019 година заради доставување на некомплетна документација. Бектеши вели дека доколку тоа се повтори и во случајот и со втората концесија, повторно ќе се донесе иста одлука, но не е сигурен дали тоа ќе го реши проблемот за молчењето на институциите кои им даваат простор на концесионерите да постапуваат.

Министерот за економија посочи дека концесионерот мора да достави документи од повеќе институции и сите тие имаат можност да проценуваат дали ќе го одбијат неговото барање или не. Бектеши ја повтори хронологијата на настаните и ги презентираше документите и мислењата кои низ годините ги дале надлежните институции, меѓу кои и министерствата за животна средина, за земјоделство, за транспорт и врски, за култура, општините Босилово и Ново Село, каде што треба да се прави рудникот. Сите мислења за постапките за геолошки истражувања и за склучување на договори за концесии за експлоатација се позитивни, а институциите не нашле забелешка ниту за влијанијата на животната средина, ниту за водите, почвата или шумите. Сите овие документиод 2006 до 2023 година, посочи министереот за економија, ќе бидат споделени со медиумите заради транспарентност на постапката.

Бектеши на вчерашната седница на Влада и пред министрите повторно ја презентирал документацијата од изминатите 17 години и постапката која доведе до спојување на концесиите на седницата на Владата на 27 јуни годинава. По реакциите на јавноста, тогаш, дел од министрите изјавија дека биле изманипулирани и не биле запознати со деталите за случајот, што резултираше со фактот дека целата Влада гласаше за.

„На седницата заклучивме дека министерството за економија не излажало никогаш, материјалите биле поделени со колегите и тие ги имале кога ја донесувале одлуката за спојување на концесиите. Сепак ова е политичка влада и се носат политички одлуки“, рече Бектеши и посочи дека очекува од колегите да ги демантираат нивните изјави дадени во медиумите.

Бектеши посочи дека претходната влада четирипати не одлучувала за барањето за спојување на концесиите и на тој начин му дала можност на концесионерот да ја тужи државата. Последната одлука на Управниот суд ја врати постапката на истото ниво како во 2016 година, со враќањето на првата концесија на концесионерот „Еуромакс“ на кој му се даде можност да го обнови барањето за спојување на концесиите и сите рокови да почнат да течат одново.