Тројца министри велат дека биле измамени да гласаат за спојувањето на концесиите за Иловица-Штука

Фото: Мета.мк

Министерот за економија Крешник Бектеши ги измамил премиерот Димитар Ковачевски и неговите колеги министри со образложение дека Управниот суд донел одлука за спојување на двете концесии за рудникот Иловица Штука, заради што Владата и сите министри гласале за спојувањето, објави денеска Истражувачка репортерска лабораторија (ИРЛ). Во сторијата, тројца министри тврдат дека им биле презентирани материјали од ресорното министерство на кои им верувале и заради тоа гласале за одлуката.

Заради таа одлука денеска во Струмица беше организиран протест.

Според истражувањето, седницата ја воделе првиот човек на Владата, премиерот Димитар Ковачевски, заедно со неговиот прв заменик, Артан Груби. Присуствувале сите министри, а точката за спојување на концесиите за ископ на минерални суровини на „Еуромакс ресоурцес“ не била на дневниот ред туку била додадена како дополнителен предлог од министерот за економија Крешник Бектеши. Никој од министрите не гласал против.

„Министрите не беа запознаени со суштината на предметот“, појаснува министерката за животна средина Каја Шукова. Министрите во моментот располагале само со образложението кое го доставило Министерството за економија, во кое пишува дека Управниот суд наложил да се спојат концесиите.

„Не знаевме дека одлуката на Управниот суд не бара од владата спојување на концесии”, потврдил министерот Оливер Спасовски кој како и повеќето негови колеги немал причина да се сомнева во документ на министерството кој што го презентирал Бектеши. Тој за рекол дека негов личен став е да нема рудник доколку локалното население тоа не го сака.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска вели дека министрите за време на седницата немаат време да ги разгледаат сите материјали за точки кои се додадени на дневниот ред на самата седница туку дека во такви случаи се потпираат на образложението кое го добиваат од ресорното министерство.

„Сметам дека потребно е Владата да ја преиспита одлуката за спојување на концесиите на „Еуромакс ресоурцес“ на следната седница. Ако сме донеле погрешна одлука, тоа треба да се исправи. Граѓаните таму не сакаат рудник и тоа треба да се почитува, волјата на граѓаните мора да е земена во предвид и затоа е потребна ревизија “, вели министерката Петровска.