Општина Ново Село го искажа својот став: eдногласно против рудниците Иловица – Штука

Додека останатите општини во струмичкиот микро-регион директно засегнати од отварањето на рудникот, не ја ставаат на дневен ред, Општина Ново Село донесе едногласна одлука и став против отвoрање на овие рудници

Извор: Тиверополник на Wikimedia Commons

Советот на Општина Ново Село на последната 33 седница едногласно донесе одлука против отворање на рудникот во Иловица и Штука. Советниците од Ново Село ова прашање го поставиле како прва точка на дневниот ред, само еден ден откако нивните колеги од Босилово ја прекинаа седницата и не отворија расправа за рудниците.

„Постојат и друг вид на претседател на Совет и малку поразлични но, единствени советници“, вели Костадин Ристоманов – советник и еко активист од СТИГА Е, во својот Фејсбук статус.

Додека останатите општини во струмичкиот микро-регион директно засегнати од отварањето на рудникот, не ја ставаат на дневен ред, Општина Ново Село донесе едногласна одлука и став против отвoрање на овие рудници.

Последната седница на Советот на Општината Босилово, пак, без образложение се одложи, а две точки поврзани со отворање рудници во овој крај повторно не се најдоа на дневен ред.

Советот на Општина Ново Село, со оваа одлука го потврди веќе донесениот став од еден претходен состав на советот на Општината, дека јасно стојат против отварање на рудник за злато и бакар во Иловица и Штука, како и против било какви идни истражувања за металични суровини и било какви објекти на територијата на Општината од класата Г1- тешко загадувачка индустрија, во кои спаѓаат сите рудници, топилница и сл.

„Со ваквиот став на советниците и претседателот на советот на Општина Ново Село, уште еднаш се потврдува моето мислење, дека наши противници не се политичките партии, туку поединци во нив. Истите се за отвoрање на рудник, најверојатно поради лични лукративни причини, но не смеат тоа јавно да го кажат, заради очекуваниот напад на мнозинството, кое не се согласува да ги трпи последиците, а тие да профитираат“, стои во постот на Ристоманов.

Тој исто така порача дека сега е ред на претседателите и на советите во другите струмички општини Босилово, Василево и Струмица.

Од Здрава Котлина изразија благодарност до советниците и ја поздравија нивната одлука.

„Голема благодарност до сите советници од двете наши најголеми партии, особено до претседателот на Советот на општина Ново Село д-р Петар Марков кој образложувајќи го својот став, рече дека е дел од луѓето на Здрава Котлина, уште за време на референдумите, кога активно учествуваше во кампањата против отварање на рудник во Иловица и Штука , а сега редовно се јавува на повикот на Здрава Котлина на секој протест и неговиот став никогаш нема да го промени“, посочуваат од иницијативата.

Илјадници граѓани од целата земја се собраа минатиот викенд на протест во Струмица против отворање на рудник за злато и бакар на планината Огражден и го искажаа своето мислење против отварање на овие рудници.