Сјајот и бедата на Попова Шапка: Од центар со светска слава во јалова долина (галерија)


Тетово, 11 февруари, 2019 - 13:52 (META) 

Попова Шапка некогаш беше познат скијачки центар во регионот и пошироко. Се инвестирало во инфраструктурата, се одржувале скијачки натпревари на кои учествувале натпреварувачи од целиот свет, и била омилена дестинација за многу планинари и скијачи. Денес, останата е само големата желба на туристите скијачи да го видат овој центар развиен како некогаш, пренесува „Порталб.мк“.

Овој планински терен уште од 1924 година беше дестинација за планинарите на тогашната Југославија. Први кои што го воочиле и почнале да го користат потенцијалот на овој терен биле членовите на Здружението на планинари „Шар Планина“ уште од 1934 година, кога и го формирале првото скијачко здружение.

Бидејќи качувањето во Попова Шапка било тешко и одземало многу време, првиот домаќин во селото Лисец, Нуреман Велиу, ги сместувал скијачите во неговиот конак. Скијачите првиот дел од патувањето го имале до Лисец, застанувале во конакот на Нуреман да преспијат и утредента продолжувале до Попова Шапка.

„Шарпланинскиот куп“ почнал во 1947 година

Во 1934 година била изградена првата планинарска куќа со четири соби и дваесет кревети, која била пуштена во употреба на 11 ноември истата година.Со ова започнал и развојот на Попова Шапка, која подоцна се претворила во балкански туристички центар, посетувана од туристи од цела Југославија.

Истата година била изградена и првата планинарска куќичка, а биле организирани и првите натпревари, трчање на 15 километри и спуст од 1,5 км во патеката Церипашина, која сега се вика Син Врв. Натпреварите биле повторно организирани во 1936 година, кога Нуреман Велиу од Лисец бил трето-пласиран во спуст, а прво пласиран во трчање.

Првиот меѓународен натпревар, кој подоцна станал и традиционален бил „Шарпланинскиот куп“ во 1947 година, кој продолжил да се организира и подоцна и бил еден од поважните натпревари на меѓународно ниво. Во рамки на Македонија бил еден од највисоко оценетите натпревари. На натпреварувањето имало учесници од целиот свет, од Европа, Америка и Австралија. Последниве години овие трки не се организираат повеќе.

Големи инвестиции во овој скијачки центар биле направени уште од 1934, а продолжил со изградба на ски-лифтовите, жичарата и патот Тетово – Попова Шапка.

Земајќи ги предвид тешкотиите за да се стигне до Попова Шапка, била изградена првата жичара Тетово-Попова Шапка. Првиот дел на жичарата, до селото Лисец, со должина од 3.209 метри започнал со работа на 14 септември 1962 година, а вториот дел Лисец-Попова Шапка, со должина од 2.991 метри бил изграден во текот на наредните три години и бил пуштен во функција на 8 март 1965 година.Жичарата имала 100 кабини, со капацитет за 400 лица. Времето на патување било 40 минути.

103.000 патници ја користеле жичарата од 8 март кога започнала со работа, до декември минатата година.Во 1981 година е пуштен во употреба патниот правец Тетово-Попова Шапка, во должина од 18 километри.

Попова Шапка денес, уништена и заборавена

Денес Попова Шапка не само што го изгубила некогашниот сјај туку е целосно запоставена и воопшто не се инвестира таму. Компанијата која во моментов управува со Попова Шапка е компанијата „Елем турс“. Некои од хотелите кои што ги управува истата компанија со години работат со загуби, при што до денес акумулирале вкупен долг од 24 милион евра.

Жичарата не работи уште од 2001 година, поради штетите предизвикани во текот на војната, а поради тоа се предизвикани и други проблеми. Околу објектот кој во минатото беше жичара пасат овци.Недостатокот од канти за отпадоци како и лошото управување со отпадоците довело до палење на истите од хотелите и граѓаните.

Недостаток од паркинг простор во Попова Шапка ги принудива граѓаните да пешачат по три километри. Веќе се изградени повеќе викендички, со или без дозвола, и сега се функционални, со што Попова Шапка е претворено во едно „мало село“.

Актуелно е тоа што премиерот Зоран Заев се обратил писмено до раководството на Граѓанската иницијатива „Да ја спасиме Попова Шапка“, за да седнат да разговараат со цел да го решат проблемот на овој туристички центар.


„Да ја спасиме Попова Шапка“: Со ски-центарот да менаџира инвеститор кој има искуство


Тетово, 3 февруари, 2017 - 10:36 (META) 

„ЕЛЕМ турс“ која го менаџира туристичкиот центар Попова Шапка од 1999 година, не успеа да го исполни очекуваното и ветените инвестиции во овој зимски центар, се вели во денешното соопштение на граѓанската иницијатива „Да ја спасиме Попова Шапка“.

– Компанијата „ЕЛЕМ турс“ вети дека во рекреативниот туристички центар Попова Шапка ќе инвестира 80 милиони евра до 2015 година и тоа со реконструкција на хотелите „Славија“ и „Попова Шапка“, изградба на катна гаража, на вештачко езеро за вештачки снег, реновирани скијачки патеки, изградба на нова жичница, шестосед и реконструкција на жичницата Тетово-Лисец-Попова Шапка – велат од оваа граѓанска иницијатива.

Тие ги повикаа надлежните институции да ја разгледаат можноста, на компанијата „ЕЛЕМ Турс“ да ѝ се одземе правото на менаџирање со овој ски-центар и да се отвори јавен повик за привлекување инвеститори кои имаат искуство околу развој и менаџирање на ски-центри на различни места низ светот.

Тие најавија дека ако не се испочитуваат нивните барања, ќе протестираат сопствениците на викенд-куќите, на угостителски локали и посебно жителите кои живееат околу Попова Шапка, кои овој туристички центар го гледаат како шанса за економски развој не само за ски-центарот, туку и за градот Тетово.


„ЕЛЕМ турс“: Ски-лифтовите на Попова Шапка се застарени, но функционираат беспрекорно


Скопје, 28 јануари, 2017 - 19:20 (META) 

Скијачката сезона на Попова Шапка се одвива во согласност со организациските политики на „ЕЛЕМ турс“ и без поголеми проблеми. Цела постојна инфраструктура е во функција, а скијачките патеки се одлично подготвени, се вели во реакцијата на компанијата која стопанисува со скијачкиот центар Попова Шапка на иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“.

– Цела скијачка инфраструктура, односно жичарниците и ски-лифтовите, работат и функционираат беспрекорно. Само денеска се продадени и искористени 1.100 билети, што како податок зборува дека туристичката сезона во овој скијачки центар е во полн ек. Нивото на сигурност и на безбедност како стандард во работењето на скијачката инфраструктура е исполнето, контролирано и сертифицирано од овластени тела – се вели во реакцијата на „ЕЛЕМ турс“.

Оттаму признаваат дека скијачката инфраструктура е застарена, но додаваат дека „ЕЛЕМ турс“ има план за развој на Попова Шапка.

– Планот е веќе почнат и со реализација на терен со изградбата на шестоседата жичарница која е во тек. И проектите како што се проширување на паркиралишта, реновирање на хотелите, систем за заснежување се целосно подготвени и нивната реализација се одвива во динамика која не е целосно зависна од инвеститорот, туку од сплет на услови кои по својата природа се институционални, регулаторни, имотно-правни и геолошки и не зависат од волјата и од политиките на „ЕЛЕМ турс“ – велат оттаму.

Од компанијата ги повикаа иницијаторите од „Да ја спасиме Попова Шапка“ на состанок, за со идеите да придонесат во решавање на проблемите во интерес на посетителите на скијачкиот центар.