Фото: Порталб.мк

Првично директорот на Попова Шапка Живко Алексовски најави дека е 99 отсто сигурен дека жичарата ќе биде пуштена во функција, потоа дека ќе биде проблематично нејзиното функционирање поради мерките против ковид-19, а денес тој вети дека оваа жичара ќе се пушти во функција во текот на јануари, пишува Порталб.мк.

Поминаа речиси две недели од почетокот на сезоната во Попова Шапка, а од институциите сѐ уште има контрадикторни изјави за жичарата со шест седишта.
Директорот на Попова Шапка, Живко Алексовски, два дена пред почетокот на зимската туристичка сезона рече дека е 99 отсто сигурен дека оваа жичара ќе функционира, но се покажа дека тоа не е вистина. Денес, пак, за Порталб.мк изјави дека сепак жичарата ќе се стави во функција во текот на јануари в година.

„Моментално жичарата со шест седишта не е пуштена во функција, сметам дека после Нова Година и во текот на месец јануари треба да се пушти во употреба“, рече Алексовски.

Која е причината поради која оваа жичара денес не функционира?

Прво, на 15 декември, Алексовски рече дека поради мерките за ковид-19 ќе има потешкотии за функционирањето на жичарата, а објаснувањето го смени денес и рече дека има технички проблеми кои што може да се решат само од страна на претставници на компанијата „Leitner“.

„Жичарата не е пуштена во употреба од почетокот на сезоната поради неколку технички проблеми. Треба да дојдат техничките служби на компанијата Leitner, а и тие поради ситуацијата со корона вирусот, имаат тешкотии да дојдат. Меѓутоа, жичарата веројатно ќе биде пуштена во функција во текот на јануари“ , образложи Алексовски.

Има противречни изјави на трите институции што најмногу ја промовираа оваа инвестиција во Попова Шапка. Сите сакаа да си ги присвојат заслугите и присуствуваа на инаугурацијата на жичарата со шест седишта во февруари годинава, а сега таа не функционира и никој не презема одговорност за ова.

Министерот Бектеши кој во февруари беше „одговорен за развојот на туризмот“ денес вели дека нема надлежност за жичарата и вината ја префрла на „Елем Турс“, кои пак, се правдаат дека за тоа е надлежен директорот на Попова Шапка. „Функционирањето на жичарата во Попова Шапка е надлежност на „Елем Турс“. Ве молиме за детали да им се обратите на нив“ рекоа од Министерството за економија.

„Ве молиме оваа информација да ја побарате од директорот на Попова Шапка, повелете неговите контакт податоци, ние не сме надлежни за ова прашање“ рекоа од „Елем Турс“ за Порталб.мк.

Нефункционалната жичара ги чини граѓаните 581 милиони денари или 9,5 милиони евра.

Првиот договор за изградба на жичарата е потпишан на 10 март 2014 година. На церемонијата за пуштање присуствуваа техничкиот премиер, пратеници од редовите на Демократската унија за интеграција (ДУИ), вицепремиерот Дураку, министерот за економија, Крешник Бектеши, директорот на ЕСМ и многу други лица.

Наспроти разните проблеми и немањето услови, никој не ги спречува граѓаните да ја посетуваат Попова Шапка, особено во текот на викендот, кога колоните за да се стигне до главниот дел од овој туристички центар, достигнуваат и до 4 километри. Тоа е поради немањето паркинзи. Новинарот на Порталб.мк. беше сведок на тоталниот хаос во текот на последниот викенд во овој туристички центар, од фрлени отпадоци, граѓани чија желба за релаксација беше претворена во долго и стресно пешачење, како и нефункционирање на ски-лифтовите.