И министерот Нуредини во потрага по инвеститори, развојот на Попова Шапка засега останува само ветување

Фото: Порталб.мк

За развој на Попова Шапка има потенцијален инвеститор, и централната власти се во преговори со него. Ова го соопшти и министерот за животна средина и просторно планирање одговарајќи на прашање на Порталб за развојот на Попова Шапка. Сепак, засега нема конкретни детали, барем не такви што се споделени со јавноста, пишува Порталб.

Врз основа на направената студија за Попова Шапка, како што информира министерот Насер Нуредини, се очекува развој на ски-центарот.

„Во разговори сме со потенцијален инвеститор кој сака да ја развие Попова Шапка за скијање и туризам. Но, кога ќе бидеме подготвени, кога ќе имаме сериозна понуда, ќе го презентираме предлогот“, рече Нуредини пред почетокот на јавната расправа во петокот за управувањето со Шар Планина.

Одговарајќи на прашање на Порталб.мк тој рече дека има нешто конкретно, но без да открива дополнителни детали и кажа дека во однос на тоа ќе информираат во следните месеци.

„Конкретно, Владата со Министерството за животна средина формираа работна група, имаше средби и таму и овде, а ќе ве информираме уредно. Веруваме дека во наредните месеци ќе ве информираме, точен датум нема“, рече Нуредини.

Уште не се знае каква ќе биде судбината на Попова Шапка, дали компанијата која управува со зимскиот центар („Елем Турс“) ќе инвестира, или ќе се реши за јавно – приватно партнерство, или пак центарот ќе се продава. Ова ќе се дефинира само откако Елем Турс ќе се одвои од Електрани на Македонија (ЕЛЕМ), постапка која е започната пред повеќе од година и пол и според најавите на официјалните лица, се очекува да заврши овој месец.

За често споменуваните инвестициски понуди во Попова Шапка, кои министерот за економија Крешник Бектеши неколкупати ги истакнуваше, засега нема ништо конкретно.

Минатиот месец за Порталб.мк тој изјави дека за туристичкиот центар има интерес за странски инвеститори. Но, истакна Бектеши, кога ќе има соодветни инвеститори, пред да се потпише каков било договор, истиот прво ќе биде споделен со граѓаните и за тоа ќе се води јавна расправа.

Потсетуваме дека поранешниот премиер Зоран Заев во националната стратегија 2021-2027 година, најави дека е вклучена и ревитализацијата на центарот „Попова Шапка“ и дека е предвидено да се додели 99-годишна концесија на европски инвеститор.

Автор: Фисник Џелили