Жичница Попова Шапка, јануари 2021. Фото: Министерство за економија

Денеска на Попова Шапка се стави во функција жичницата со шест седишта, „Лајтнер“, која беше завршена минатата година, после седум години градење. Станува збор за супермодерна жичница, единствена од ваков вид во земјава. Должината на трасата е 1.510 метри, со максимален капацитет за транспорт од 2.400 скијачи на час. Новата жичница се очекува да овозможи подобар и побрз проток на скијачи и да понуди поатрактивни скијачки патеки. Целта на оваа инвестиција (околу 9 милиони евра) е Попова Шапка да прерасне во регионален зимски скијачки центар каде што, освен туристи од регионот, ќе се привлечат и туристи од други земји.

„Имаме прилика да го означиме ставањето во функција на шестоседот за употреба од  посетителите. Повеќе од убедени сме дека токму преку вакви инвестиции ќе привлекуваме и други туристи, не само од регионот, туку и од други држави. Ова ќе даде дополнителна можност на сите посетители на Попова Шапка“, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши, кој со директорот на ЕЛЕМ Турс, Адем Авзиу присуствуваше на пуштањето со работа на жичницата.

Тој додаде дека токму преку вакви инвестиции може да се развијат важни туристички дестинации во државава кои на директен и на индиректен начин ќе влијаат врз локалниот економски развој, не само во општина Тетово.

Според Авзиу, Елем турс има планови за идни инвестиции за подобрување на условите во овој ски-центар.

„Ќе продолжиме со работа и со поддршка од министерот и од Владата да инвестираме што е можно повеќе проекти во овој ски центар. За оваа сезона планираме да инвестираме во делот на јавните тоалети и ќе се обидеме да ги одржиме во кондиција актуелните ски лифтови. Веќе имаме планови, имаме стратегија, физибилити студија, и во зависност од средствата, ќе продолжиме со реализација на проектите“, потенцираше Авзиу.

Жичницата на Попова Шапка е „заложник“ на предизборни ветувања во изминатите години на секоја политичка партија, во секој изборен циклус. Сите партии досега во нивните предизборни програми ветуваа пуштање во функција на жичницата, а во изминатите месеци од годината надлежните ја обвинуваа ситуацијата со пандемијата којашто според нив, ги оневозможила работите за овој проект. За непуштањето во употреба ланската зимска сезона, властите се правдаа и со немањето снег, но од 2014 година кога беше изградено вештачкото езеро, не е преземен ниеден друг чекор за воведувањето на вештачки снег на скијачките терени.

Инаку, на 16 декември за прв пат оваа зима се пуштија во употреба жичарите „Св. Илија“ и „Церипашана“ и ски-лифтовите „Аеродром“ и „Ге“, поради тоа што претходно се работело на подготовка на терените. Премиерот Зоран Заев во декември најави дека има интерес од странски инвеститори за целосно или делумно купување на Попова Шапка.

Првата жичница Тетово- Попова Шапка, била пупштена во далечната 1965 година и таа работела се до 2001 година, кога беше исклучена поради конфликтот од истата година.