Фото: Елион Јашари

Директорот на „ЕЛЕМ Турс“, Адем Авзиу, којшто управува со туристичкиот центар „Попова Шапка“ во интервју за Порталб.мк говори за неговата визија како нов раководител со овој туристички центар. Меѓу другото, разговаравме за жичарата Тетово-Попова Шапка, вештачкиот снег, недостигот од паркинзи, отпадоците, (не)функционирањето на ски-лифтовите и сè друго во врска со Попова Шапка, пишува Порталб.мк.

Како нов директор, Адем Авзиу истакна дека фирмата-ќерка на Електрани на Македонија, „ЕЛЕМ Турс“ ја наследил во тешка финансиска состојба, со долг од 74 милион денари, а Попова Шапка со многу други проблеми.

„Ја наследив во неповолна финансиска кондиција, како компанија што оперира со загуба цели години. Јас, при моето доаѓање, Попова Шапка ја најдов со две жичари вон употреба, не беше функционален ниту шестоседот, но успеавме да ги пуштиме во употреба и шестоседот и жичарата со две седишта во Св. Илија. „ЕЛЕМ Турс“ во моментов е во загуба 74 милион денари“, потенцираше Адем Авзиу, директорот на „ЕЛЕМ Турс“.

За конкретните проблеми на Попова Шапка, новинарот на Порталб.мк го потсети Авзиу на ветувањето на Демократската унија за интеграција за изградба на паркинг во овој туристички центар.

Тој додаде дека ова не е надлежност на „ЕЛЕМ Турс“, меѓутоа нагласи дека ова е дискутирано со градоначалничката на Тетово, Теута Арифи и се согласиле максимално да се искористат постојните капацитети.

„Прашањето за паркингот не е под надлежност на „ЕЛЕМ Турс“. Но со желба да се понудат што повеќе услови за сите скијачи, првата средба ја имав со градоначалничката Арифи и началникот на полицијата, со цел да ги максимизираме капацитети што ги имаме во моментов. Во планот за изводливост за Попова Шапка предвидено е изградба и на катна гаража во овој ски-центар, меѓутоа тоа е под надлежност на Општина Тетово“, истакна Авзиу.

Како единствен спас од хаосот што се создава со долги колони во Попова Шапка, според експертите е жичарата Тетово-Попова Шапка. Авзиу не беше убеден и не вети остварување на овој проект, сепак, истакна дека идната година ќе започне неговата проекција.

„Реално во планот за изводливост постои и прашањето за планирање и вложување за оваа жичара. Ние се надеваме и сме во разговори со владините структури за тоа барем оваа година или следната година да започнеме со неговото проектирање. Јас се надевам дека во соработка со владините структури ќе почнеме да работиме во овој правец; не можам да дадам конкретни временски ветувања бидејќи не зависи директно од „ЕЛЕМ Турс“ туку, вклучени се неколку институции, а доброто во ова е дека се работи во овој правец“, рече Авзиу.

Во ова интервју се дискутираше и за можноста за остварување на ветувањето на Демократската унија за интеграција за вештачкиот снег во Попова Шапка, за отпадоците што се собираат во влезот од главниот дел на туристичкиот центар, за приватизација на Попова Шапка, и друго.

Освен прашањата на Порталб.мк, обожавателите на Попова Шапка имаа можност преку групата „Попова Шапка Freeriders“ (“Kodra e Diellit Freeriders”) да му постават прашања на директорот на „ЕЛЕМ Турс“, а новинарот на Порталб.мк му ги пренесе на директорот.