Двете анализи за Попова Шапка ќе бидат доставени до Владата

Длабинската економска анализа за Попова Шапка, е доставена до „Елем турс“, а ќе биде предадена и на Влада заедно со физибилити студијата кога и таа ќе пристигне – според „Елем турс“ тоа ќе биде најдоцна до 20 октомври. Од „Елем Турс“ велат дека двете анализи се нарачани во еден пакет па затоа така и ќе бидат предадени на Владата, пишува „Порталб.мк“.

Двете анализи првично ќе ги гледа одборот на директори на ЕЛЕМ, а тие на крајот ќе треба да ги достават до Владата за да потоа да се донесе одлука за судбината на Попова Шапка.

Овој туристички центар долги години е без инвестиции. Различни иницијативи до денес барале и бараат да се врати некогашниот сјај на центарот. Врз основа на физибилити студијата, ќе се донесе одлука дали Попова Шапка ќе биде доделена со концесија или ќе се оди на јавно – приватно партнерство.

Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека по добивање на анализата, тие ќе решат што ќе прават со Попова Шапка.

– За подготовка на “due diligence“ беше ангажирана компанија задолжена да направи анализа, на финансискииот и правниот аспект за „Елем турс“. Во период од две до три недели, според информациите што ги имам, треба да се достави и физибилити студијата и врз основа на овие два документа Владата и Дирекцијата на Електрани на Македонија ќе донесат одлука за тоа што ќе направат во иднина со Попова Шапка – рече министерот Бектеши.