!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Скопје и Тетово се загадени поради големиот и брз урбан развој без еколошки стандарди


Тетово, 19 мај, 2017 - 16:10 (META) 

Аерозагадувањето во Скопје и во Тетово е резултат на нивниот голем и брз урбан развој, кој се одвива без да се запазат основните урбанистички и сообраќајни стандарди. Ова е ставот на дел од учесниците на Меѓународната конференција на применети науки, која се одржа на Државниот универзитет – Тетово.

Професорот Вулнет Палоши смета дека градот треба да се развива на основа на генерален урбанистички план. Но, наместо тоа, во градот се носат урбанистички планови за неколку објекти, без да се утврди дали тој план содејствува со другиот дел од градот, вели Палоши.

– Добро е што Тетово се развива, има студенти, има трговија, за сето ова се потребни градби. Тие градби се градат, но не се градат планирано, во содејство со другиот дел од градот, туку парцијално. Ние во Тетово не можеме да се потпреме на генералниот урбанистички план, затоа што е стар и затоа се носат парцијални урбанистички решенија за градби, кои кога се градат, не се внимава дали ќе му пречат некому или ќе ја запрат ружата на ветрови. Затоа потоа воздухот се загадува, во градот се намалува провевот – рече професор Палоши.

Професорот Миле Димитриевски, кој учествуваше на конференцијата, вели дека за прочистување на воздухот, ќе треба сите макотрпно да работиме и дека проблемот не се решава наеднаш.

– Ние сите работевме повеќе од една деценија да го загадиме воздухот, сега ќе треба толку да работиме да го прочистиме воздухот. Треба да работиме да го дислоцираме поголемиот дел од сообраќајот од градот, преку изградба на обиколница за град Тетово, треба да ја дислоцираме и дивата депонија, каде повеќе од една деценија се таложи ѓубрето. Како што сме работеле на уништување на зеленилото, така треба сега да работиме на негово засадување. Треба да ги намалиме возилата кои циркулираат на квадратен метар. За сето ова е потребно време и затоа овие чекори треба да ги почнеме да ги реализираме, затоа што доцниме – рече Димитриевски.

На Меѓународната конференција за применети науки беа презентирани 120 научни трудови од областа на архитектурата, геодезијата, сообраќајот и на инженерството.


СДСМ: Трајановски ќе даде отчет за криминалот


Скопје, 24 јануари, 2017 - 16:55 (META) 

„На граѓаните не им е потребен денешниот отчет на Трајановски. Тие ги живеат последиците од неговото неодговорно владеење“, порача СДСМ, реагирајќи на денешното излагање на градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, за проектите реализирани или почнати во 2016 година.

Партијата обвини дека Трајановски не направил ништо за заштита на здравјето на граѓаните, како и дека во многу делови нема елементарни услови за живот.

„Тој ги остави скопјани да се задушуваат во загаден воздух поради тоа што не ја спроведе гасификацијата. Децата мрзнат во училиштата поради неисправни инсталации на големиот студ. Поплави одзедоа животи на деца поради тоа што нема атмосферска канализација во сите делови на главниот град. Граѓаните на главниот град на Македонија, во 21 век се оставени без елементарни услови за живот, водоводи, одводи, безбедни патишта и тротоари, енергетски фасади. Сето ова се случува бидејќи Трајановски со Никола Груевски со години ги задолжува скопјани со милиони евра за панорамски тркала, лажен барок, за криминалниот проект „Скопје 2014“, воден од тендерски интeреси“, му порача СДСМ на градоначалникот на Скопје.


Квалитетот на воздухот во Тетово ќе се мери со три мобилни станици


Наредниот месец аерозагадувањето во Тетово ќе се мери со три мобилни станици. На овој проект работи експертски тим на Институтот за животна средина при Универзитетот на Југоисточна Европа.

Од Институтот сметаат дека со постојната една мерна станица во Тетово, не може да се добие реална слика за аерозагадувањето.

– Со постојната една мерна станица за мерење на квалитетот на воздухот може да се мери аерозагадувањето, но ограничено, на таа локација. Кога ќе се постават повеќе мобилни станици, ќе се земат предвид повеќе мерења од повеќе локации од градот и тие можат да се споредат и да се добие одреден просек на загаденост. На тој начин, ќе може да се утврдат причините за аерозагадувањето – изјави Дарко Спировски од Институтот за животна средина при Штуловиот универзитет.

Од Министерството за животна средина, кој финансиски го помага овој проект, велат дека континуирано работат и на други проекти за намалување на аерозагадувањето.

– Се работи на локални планови за откривање на изворите на загадување и за преземање соодветни мерки за намалување на штетните честички во воздухот – изјави министерот за животна средина, Нурхан Изаири, кој денеска учествуваше на тркалезна маса на Штуловиот универзитет, каде се дискутираше за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух.

И овие денови единствената мерна станица за мерење на квалитетот на воздухот поставена во Тетово, покажува високи вредности на аерозагаденост.


ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ од политичка партија се претвора во еколошко друштво


Скопје, 14 февруари, 2016 - 13:56 (META) 

Заглавени во деструктивните сценарија што не им успеваат, во СДСМ и денес имаат криза на идентитет и од политичка партија се претвораат во еколошко друштво кое води хроника за деновите кога паѓа магла во Македонија, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ по повод соопштението на опозициската партија за загадениот воздух.

„СДСМ го криеше загадувањето на воздухот од граѓаните. СДСМ не го ни мереше загадувањето на воздухот за народот да не знае што дише. Така СДСМ се грижеше за здравјето на граѓаните. Министрите за животна средина во време на СДСМ се познати по тоа што не преземаа ниту еден единствен проект за справување со загадувањето на воздухот“, стои во реакцијата и се наведува дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ постојано и посветено работи на оваа проблематика.

Од партијата ги посочуваат последните конкретни мерки, како што се поставените филтри на повеќе локации во Тетово и во Скопје кои ќе стојат до крајот на февруари, по што ќе бидат испратени на хемиска анализа во Финска и во Австрија.

„Врз база на хемиски анализи во врвни лаборатории, ќе се добијат најновите податоци за тоа кои се индикаторите на загадувањето на воздухот, со што ќе нема шпекулации околу загадувачите“, се вели во соопштението на владејачката партија.


Во Тетово и во Лисиче вчера и денеска екстремно загадено


Скопје, 29 јануари, 2016 - 10:38 (META) 

Многу високо ниво на аерозагадуваење утринава е измерено во скопските населби Центар и Карпош и во Тетово. Високо ниво на концентрација на канцерогените честички ПМ10 измерено е во Лисиче, Гази Баба, Битола и во Кичево. Средно ниво на аерозагадување забележано е во Миладиновце, Велес и во Кочани.

Синоќа концентрацијата на честичките ПМ10 во Лисиче достигна 850 микрограми на еден кубен метар, што е за 17 пати повеќе од дозволените 50 микрограми, а во Тетово беше 830 микрограми на еден кубен метар. Во Центар беа измерени 550 микрограми, во Карпош – 330, во Гази Баба – 500, во Битола – 270, а во Велес – 200 микрограми на еден кубен метар.


Утрово најзагадено во Центар, Битола и Тетово


Скопје, 26 јануари, 2016 - 10:53 (META) 

Мерните станици на Министерството за животна средина и просторно планирање во скопската општина Центар, во Битола и во Тетово покажуваат многу високо ниво на загадување на воздухот.

Во Лисиче, Гази Баба, Ректорат, Кичево и во Велес мерните станции покажуваат високо ниво на концентрација на канцерогените честички ПМ10, а средно ниво на загаденост утринава има во Миладиновце, Кочани и во Кавадрци.

Во Тетово утринава беа измерени 300 микрограми на еден кубен метар, што е за шестпати повеќе од дозволените 50 микрограми, а во Битола се измерени 200 микрограми ПМ10-честички на еден кубен метар, односно четирипати повеќе од дозволеното.

Во Лисиче во 9 часот беа измерени 150 микрограми на еден кубен метар, во Гази Баба – 160, во Центар – 200 и во Карпош – 170 микрограми на еден кубен метар.


Викендов тетовци дишеа екстремно загаден воздух


Тетово, 25 јануари, 2016 - 14:26 (META) 

Изминатиов викенд тетовци дишеа екстремно загаден воздух. Во вечерните часови, концетрацијата на честичките ПМ10 беше 12 пати поголема од дозволената.

Студеното време и големото аерозагадување беа причина голем број граѓани овие два дена да останат во своите домови.

Од тетовскиот инспекторат за животна средина велат дека граѓаните најчесто пријавуваат палење на мали депонии, но и неконтролирано чадење на одделни фабрики за производство на мебел.

– При секојдневните контроли, инспекторатот за животна средина утврдил дека една фабрика за мебел лоцирана на излезот од Тетово, како енергент за затоплување користи остатоци од материјал кој го користел во производствениот процес. Сопственикот на фабриката е казнет со глоба во висина од 500 евра – изјави Томислав Јоргушевски, главен инспектор во Инспекторатот за животна средина.

Во текот на месецов, казнети се и дваесетина фирми што доставувале стока по продавници по 8 часот, што е спротивно на мерките против аерозагадувањето, кои предвидуваат доставата на стока да се врши само во утринските часови.

Од инспекторатот додаваат дека редовно ги контролираат и фирмите со интегрирана еколошка дозвола Б, авто-сервисите и претоварната станица за комунален отпад.


И без „Југохром“ воздухот во Тетово e екстремно загаден


Тетово, 3 јануари, 2016 - 14:34 (META) 

Воздухот во Тетово синоќа беше загаден 17 пати повеќе од дозволеното. Мерните станици на Министерството за животна средина измерија 857 микрограми ПМ10-честички на еден кубен метар.

Затворањето на „Југохром“ не придонесе за намалување на аерозагадувањето, иако комбинатот на протестите против загадениот воздух, беше посочуван како најголем загадувач на воздухот.

Фабриката на 31 декември ги исклучи печките. Оттаму соопштија дека нема да работат до крајот на февруари поради состојбата со загадениот воздух, која во овој период од годината е најалармантна.

Преку писмено соопштение информираат дека одлуката ја донеле доброволно, иако тие остануваат на ставот дека нивната фабрика не е единствениот, а уште помалку најголемиот загадувач во регионот.

И додека се бараат виновниците за големото аерозагадување во Тетово, властите сè уште немаат извршено никакви испитувања за тоа кој сè учествува во аерозагадувањето и кои се најголемите фактори за екстремно загадениот воздух.

Здравствените работници велат дека сообраќајот, греењето и индустријата се главните извори на загадување. Но, за да се утврди точно кој најмногу загадува, потребни се мобилни станици за мерење на квалитетот на воздухот.

– Тие станици би се поставувале повремено во центарот на градот, каде е најгуст сообраќајот, потоа станиците условно би се преселиле во некои населби, каде воопшто нема сообраќај и на тој начин би можело да се утврди колку сообраќајот придонесува за загадувањето на воздухот. Ако се утврди дека тој е најголем загадувач, тогаш властите треба да преземат, ако е потребно, и драстични мерки, на пример, забрана на сообраќајот во деновите кога е екстремно загаден воздухот – изјави д-р Ратко Давидовски, специјалист по хигиена и здравствена екологија.

Воздухот во Тетово и денеска е неколкупати повеќе загаден од дозволената вредност. Снежните врнежи не придонесоа многу за намалување на аерозагудувањето.


Загаден воздухот во Тетово, Кичево, Скопје и во Велес


Македонија, 3 јануари, 2016 - 10:34 (META) 

Мерните станици за квалитетот на воздухот денеска покажаа дека жителите на Тетово, Кичево, Скопје и на Велес дишат загаден воздух, со високи концентрации на честичките ПМ10.

Според мерењата што ги врши Министерството за животна средина и просторно планирање, денеска најзагаден град во Македонија е Тетово, каде концентрацијата на честичките ПМ10 изнесува 163 микрограми на еден кубен метар, а веднаш зад него е Кичево со 161 микрограми на кубен метар. Најзагадена скопска населба е општината Центар каде концентрацијата на ПМ10-честичките изнесува 157 микрограми на кубен метар, а потоа следуваат Гази Баба со 146, Карпош со 139, Лисиче со 122, додека кај Ректорат концентрацијата на ПМ10-честичките изнесува 107 микрограми на еден кубен метар.

Во Велес се измерени 80 микрограми на еден кубен метар ПМ10-честички.


В понеделник пред Влада, протест „Излези за воздух“


Скопје, 23 декември, 2015 - 10:59 (META) 

Повеќе еколошки здруженија в понеделник, во 17 часот, пред Влада, под мотото „Излези за воздух“, организираат протест против енормното загадување на воздухот.

„Времето нè гази, а воздухот и понатаму ни ги зема здивот и животот. Немаме време за чекање, болестите и смртта нè демнат и нас и нашите блиски и нашите деца! Доста е! Се здруживме и одлучивме дека ќе кажеме „не“! Ве повикуваме сите кои дишете, а не сакате да умрете, да ни се приклучите на протест в понеделник, во 17 часот пред, Владата на Република Македонија. Протестираме против загадувањето на водухот! Протестираме за надлежните да преземат итни мерки со кои ќе се заштити нашето здравје! Излези за воздух“, се вели во фејсбук-најавата за настанот.

Протестот го организираат еколошките здруженија „Еко свест“, „Фронт 21/42“, „Еко герила“, „За нас се работи“, „Заслужуваме подобро“, „Воздух сега“, „Ние сме Карпош 4“, „Ајде“, „Стоп за фабриката Железара“,„Ќе дишеме или ќе издишеме“, „Скопје смог аларм“, „Стоп за загадувањето на Аеродром и Гази Баба“ и „Го сакам ГТЦ“.

Утринава сите мерни станици во Скопје, Тетово и во Битола покажуваат многу виско ниво на аерозагадување, а во Кичево и во Кочани – високо ниво.

Мерната станица во Лисиче во 9 часот покажуваше 185 микрограми на еден метар кубен, во Центар беа измерени 294 микрограми, во Гази Баба – 135, а во Карпош мерната станица моментално не фукнционира.

Синоќа во Лисиче канцерогените ПМ10-честички достигнаа 800 микрограми на еден кубен метар, што е за 16 пати повеќе од дозволените 50 микрограми на еден кубен метар, а во Тетово – 400 микрограми, што е за осум пати повеќе од дозволеното.