Смртноста поради ПМ 2,5 честичките двојно повисока на Балканот отколку во ЕУ

Смртноста на загадувањето беше утврдено во ново истражување, кое исто покажа дека морталитетот на Балканот како последица на загадувањето со озон и азот диоксид е речиси пет и три пати повисоко од европскиот просек

Фото: Мета.мк

Во земјите од Западен Балкан смртноста поради загадувањето со ПМ 2,5 честичките е речиси двојно поголема отколку во земјите во Европската Унија. Ова го покажа ново истражување објавено во декември 2023 година во списанието Environment International, спроведено од Joint Research Centre на Европската Унија (JRC) во Испра, Италија, со меѓународен тим на истражувачи од Италија, Холандија, Белгија, Србија и Албанија, пренесува Клима101.

Дополнително, загадувањето на воздухот во регионот предизвикува здравствени последици чиј вкупен трошок се мери во милијарди евра годишно.

Според проценките за 2019 година, економскиот товар од загадувањето со ПМ 2,5 честички во само 26 испитани градови во регионот се движи од 7,8 до 9 милијарди евра. Имајќи предвид дека бруто домашниот производ на Западен Балкан се проценува дека е околу 100 милијарди евра, тоа значи дека загадувањето само во овие 26 градови, во кои живее само една третина од вкупното население, предизвикува штета еднаква на 8 отсто до 9 отсто од БДП на целиот регион.

Истражувачите проценуваат дека дури 40 отсто од економскиот товар на загадувањето доаѓа од енергетскиот сектор, со потрошени 240 милиони евра годишно по град за здравствени услуги. Домаќинствата и земјоделството сочинуваат по околу 20 отсто од вкупната цена на економската штета предизвикана од загадувањето, а останатите 20 отсто доаѓаат од сообраќајот, управувањето со отпад и индустријата.

Од здравствените последици од аерозагадувањето особено се истакнува зголемената инциденца на бронхитис кај децата и возрасните, како и астма, дијабетес, рак на белите дробови и зголемена смртност.

Во 2019 година на Западен Балкан стапката на смрт поради загадување со ПМ 2,5 честички била помеѓу 137 и 158 смртни случаи на 100.000 жители, што е речиси двојно повисока од еквивалентната стапка во Европската Унија (69), како што наведува Европската агенција за заштита на животната средина.

Дополнително, стапката на смртност во Западен Балкан во 2019 година поради загадувањето со озон и азот диоксид (19 и 28 смртни случаи на 100.000 жители, соодветно) е значително повисока од европскиот просек (4 и 9 смртни случаи на 100.000 жители).