Аерозагадувањето во Скопје руши неславни рекорди, а една од општините во главниот град која има голема концентрација на индустриски објекти на нејзината територија – Општина Гази Баба ги нема исполнето ветувањата за изработка на Акциски план за намалување на загадувањето на воздухот и за воведување на систем на мониторинг на квалитетот на амбиентниот воздух. Градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, во предизборната програма вети дека ќе го спроведе овој проект до 2022 година, но ова ветување е неисполнето.
Пред локалните избори во 2021 година, кандидатот за градоначалник на Гази Баба од ВМРО-ДПМНЕ Бобан Стефковски во предизборната програма „За Гази Баба гарантираме, создади нова иднина!“, на страница 43, има ветено проект „Воведување на систем на мониторинг на квалитет на амбиентален воздух и подготовка на Акциски план за намалување на загадувањето на воздухот“. Буџетот за овој проект е наведено дека ќе изнесува 1 милион денари и дека средства ќе се обезбедат од буџетот на Општина Гази Баба, додека крајниот рок за негово исполнување е 2022 година.
„Овој проект подразбира целосна и навремена информација за состојбата со квалитетот на воздухот во Општина Гази Баба. Исто така, со планот за намалување на загадувањето е предвидено да се подготват краткорочни и долгорочни мерки за намалување на загадувањето на воздухот“, се наведува во предизборната програма на градоначалникот Стефковски.
Мета.мк во два наврати на 26 и 29 декември 2023 година испрати прашања до Општина Гази Баба преку електронска пошта, во кои побаравме одговори за тоа што досега е преземено за реализација на проектот за изработка на Акциски план за намалување на загадувањето на воздухот, како и за воведување на систем за мониторинг на квалитетот на воздухот во оваа скопска општина. Прашавме и на кои локации Општина Гази Баба поставила мерни станици за мониторинг на квалитетот на воздухот. Одговори од општинските власти за исполнетоста на ваквото ветување не добивме.
Поради тоа, нашето истражување продолжи кон отчетот на градоначалникот Бобан Стефковски „Ново време во Гази Баба една година отчет 2021 – 2022“, во која се наведени сите реализирани проекти на градоначалникот во текот на 2021 и 2022 година. На ниту едно место во отчетот не е наведено дека е исполнето ветувањето за изработка на Акциски план за намалување на аерозагадувањето, ниту пак дека е воведен систем за мониторинг на квалитетот на воздухот.
Дополнително, ако се отвори општинската веб-страница на Гази Баба, може да се согледа дека никаде на сајтот не е прикачен документ „Акциски план за намалување на аерозагадувањето“ којшто е изработен од локалната власт. Она што успеавме да го најдеме е банерот „Квалитет на воздухот во ОГБ“, а кога ќе се кликне на него истиот води кон сајтот на Државниот автоматски мониторинг систем за квалитетот на воздухот на Министерството за животна средина и просторно планирање. На ниту едно друго место не можат да се најдат податоци, односно мерења од евентуален систем за мониторинг на квалитетот на амбиентниот воздух што го има воспоставено Општина Гази Баба.
И на Електронскиот систем за јавни набавки на Бирото за јавни набавки не може да се пронајде ниту еден договор којшто го склучила Општина Гази Баба за изработка на Акциски план за намалување на загадувањето на воздухот, ниту пак тендер што е спроведен за воведување на систем за мониторинг на квалитетот на воздухот. Единствениот тендер којшто е склучен од актуелното општинско раководство во изминатиов период, а е поврзан со слична тематика, е договорот за ажурирање на Катастарот на загадувачи. Притоа, и во самиот договор се наведува дека во 2018 година во Гази Баба е изработен Интегриран катастар на животната средина.
Истовремено, министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова на крајот од декември 2023 година во изјава за емисијата „Топ тема“ на Телма информираше дека ниту една општина во земјава досега нема доставено краткорочен акциски план до Министерството за животна средина, кој би бил насочен во функција на преземање на мерки за намалување на аерозагадувањето во ситуации на надминување на дозволените гранични вредности. Инаку, станува збор токму за документот што го ветил градоначалникот Стефковски во неговата предизборна програма.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање во неколку наврати повторија дека не постои никаква законска пречка за општините да воспостават своја, локална мрежа за мерење и следење на загадувањето на воздухот на нивната територија. Од Министерството за животна средина во ноември 2023 година појаснија дека систем за мониторинг на квалитетот на воздухот може да биде воспоставен од општините, но по претходно добиено мислење од ова министерство, под услови и начин уредени со Законот за квалитет на амбиенталниот воздух.
„Годинава ниту една општина не нè контактирала во насока на поставување на нова мониторинг станица“, изјавија за Мета.мк од Министерството за животна средина и просторно планирање во ноември 2023 година.
Следствено на целокупното истражување, можеме да заклучиме дека Општина Гази Баба и градоначалникот Бобан Стефковски ги немаат исполнето предизборните ветувања за изработка на Акциски план за намалување на загадувањето на воздухот и за воведување на систем на мониторинг на квалитетот на амбиентниот воздух до 2022 година.
ИЗВОРИ:
Предизборна програма „За Гази Баба гарантираме, создади нова иднина!“, проверено на 29.12.2023 година;
Отчет „Ново време во Гази Баба: Една година отчет 2021-2022“, проверено на 29.12.2023 година;
Веб-страница на Општина Гази Баба, проверено на 29.12.2023 година;
Електронски систем за јавни набавки, склучен договор за ажурирање на Катастар на загадувачи, проверено на 29.12.2023 година;
Мета.мк (26.12.2023 година): „Ну, погоди!“ кој треба да преземе мерки против аерозагадувањето?, проверено на 29.12.2023 година;
Мета.мк (3.11.2023 година): Доаѓа сезоната на загаден воздух – државата и општините глуви за потребата од повеќе мерни станици, проверено на 29.12.2023 година.