fbpx

Тетово се труе од загадениот воздух, бројките се алармантни [инфографик]

Во Тетово повеќе од 60 проценти од населението се грее на дрва. Секако дека влијаат и метеоролошките фактори, имавме недостаток на ветер, имавме сончеви денови. Имавме и температурна инверзија, рече д-р Ратко Давидовски од ИЈЗ

-

Од минатата недела жителите на Тетово одново дишат многу загаден воздух. Бројките за загаденоста на воздухот го надминаа прагот на алармирање. Просечната вредност на ПМ 10 честичките од 1 до 7 февруари била 134,85 μg/m3, а просечната дневна вредност на ПМ10 не треба да надмине 50 микрограми на метар кубен. Просечната вредност на ПМ2,5 честички за овој период е 75,84 μg/m3, а дозволената вредност е 25 μg/m3. Централните и локалните власти со години нe преземаат никакви мерки за овој проблем. Лекарите и граѓанското општество предупредуваат за опасностите, пишува Порталб.мк.

Тетово со години е на врвот на светските листи на градовите со најзагаден воздух. Со започнувањето на зимската сезона проблемот со аерозагадувањето сè повеќе се продлабочува поради материјалите кои се употребуваат за затоплување на домаќинствата, а најголемо загадување има во вечерните часови.

Специјалистот по хигиена и здравствена екологија од Центарот за јавно здравје во Тетово, Ратко Давидовски, истакна дека во последните денови вредностите на ПМ 10 честичките биле многу високи, а пикот бил некаде помеѓу 17 и 19 часот.

„Тоа е време кога се вклучуваат печките затоа што е ладно, а во Тетово повеќе од 60 проценти од населението се грее на дрва. Секако дека влијаат и метеоролошките фактори, имавме недостаток на ветер, имавме сончеви денови. Имавме и температурна инверзија“, рече Давидовски.

Докторот објасни дека аерозагадувањето влијае кај сите нас, а оние најранливите треба да бидат повнимателни.

„Секој од нас мора да придонесе за да се намали загадувањето на воздухот, како и централната и локалната власт, но решението е гасификацијата, проблем е и сообраќајот, граѓаните мора да користат јавен превоз“, порача Давидовски.

Најопасните загадувачи не се оние што се гледаат со очи, како што се прашината и чадот, туку таканаречените ПМ честички, кои се толку мали што можат да навлезат во телото. ПМ 10 честичките предизвикуваат иритација на очите, грлото и носот, а кога нивото на загадување е високо тогаш тие се опасни за најранливите, бидејќи го отежнуваат дишењето кај лицата со астма и го зголемуваат ризикот од срцев удар кај луѓето кои имаат проблеми со притисокот или дијабетес. ПМ 2.5 честичките се поопасни, бидејќи можат да навлезат длабоко во белите дробови и крвта, а нивното високо ниво ги оштетува белите дробови и срцето.

Според светските здравствени стандарди, во една календарска година не треба да има повеќе од 35 дена со загаден воздух.

На инфографикот подготвен од Порталб.мк може да се види нивото на ПМ 10 и ПМ 2.5 во првата недела на месец февруари 2024 година, како и годишната просечна вредност од 2004 до 2023 година.

Препораките на Институтот за јавно здравје при услови на високо ниво на аерозагадување се да се седи дома ако се нема потреба да се излегува.

„Возрасните и децата со проблеми со белите дробови, возрасните со срцеви проблеми и постарите луѓе треба да избегнуваат напорна физичка активност.
Бремените жени треба да останат дома. Луѓето со астма може да откријат дека треба да користат почесто нивниот инхалатор. Ако треба да излезете, носете маски со докажана ефикасност. Лицата со хронични заболувања редовно да ја земаат терапијата, а по потреба, доколку почувствуваат симптоми, веднаш да се јават кај својот матичен доктор или во болница. Треба да се избегнува престој и активности на отворено (спорт, рекреација). Не треба да се отвораат прозорците и дома треба да се користи прочистувач на воздух без јонизатор“, наведено е во препораките на ИЈЗ.

Елмедина Абдулахи, еко-активистка, нагласува дека состојбата во Тетово станува сè поалармантна за жителите. Таа вели дека по надминувањето на прагот на алармирање од општина Тетово не презеле никакви конкретни мерки.

„Наместо една брза реакција, тие само објавиле на социјалните мрежи. И додека жителите на Тетово се соочуваат со последиците од аерозагадувањето, се чини дека локалната и централната власт се повеќе насочени кон предизборните ветувања, па затоа и не се занимаваат со спроведување на конкретни мерки за подобрување на квалитетот на воздухот. Ваквото непостапување е многу загрижувачко, имајќи предвид дека аерозагадувањето директно влијае на здравјето на целата заедница, без разлика на социјалната положба“, нагласува Абдулахи.

Таа нагласува дека жителите се многу загрижени и бараат итна реакција од надлежните.

„Но, за жал, загриженоста на жителите и реакциите на активистите се недоволни без преземање на радикални мерки кои би произлегле како резултат на соработката на локалните и централните власти“, заклучи Абдулахи.

Се обративме до општина Тетово и до Министерството за животна средина и просторно планирање, но во овие две институции наидовме на молк за ова прашање кое е голема закана за граѓаните.

Во изборната програма на градоначалникот на општина Тетово, со која дојде на чело на општината, поточно на страна 25 и 26, пишува дека тој ќе се заложи за успешен еколошки систем со долгорочна програма и стратегија за понатамошен развој на целите за зачувување на природата и животната средина.

Тој ветува дека тоа ќе го направи преку: поттикнување на производството на енергија од обновливи извори, изградба на фабрика за рециклирање на отпад, детален план за поставување на корпите за отпадоци, среднорочен план за проширување на зелените површини, финансиско санкционирање и законска одговорност за сите кои ја загадуваат животната средина и фрлаат отпад, годишно финансирање на еколошките невладини организации, поставување на еколошка опрема за движење на одредени места во градот, субвенции за набавка на велосипеди и електрични скутери, субвенции за инвертери и соларни панели, следење на редовна контрола на загадувачите на животната средина, чистење и миење на булеварите, патиштата и тротоарите, акционен план за еколошки едукативни активности.

Но, освен некои симболични активности, повеќето од овие ветувања сè уште не се исполнети.

Заштитата на животната средина во 2023 година не беше меѓу главните приоритети на политичарите. Традиционално и минатата година се повторија десетгодишните проблеми со немање финансии, капацитети во институциите и конкретни проекти кои даваат видливи резултати. Нивото на загаденост на воздухот во Северна Македонија во зимските месеци беше високо и минатата година централната власт и општините меѓусебно се обвинуваа за тоа кој треба да преземе одговорност.

Дека овој проблем е доста сериозен и дека е голема закана за нашата земја покажува и последниот Извештај на Европската комисија за Северна Македонија. Во извештајот јавно се нагласува дека во текот на оваа година треба да се направат посебни напори за спроведување на конкретни мерки за намалување на аерозагадувањето.

Новинар: Фисник Џелили

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...