Мета факт: Кисела Вода сепак доби втора мерна станица за квалитет на воздухот

Во Кисела Вода досега работеше само мерната станица кај Домот на култура „Билјана Беличанец”. Со оглед на тоа што сега е поставена уште една мерна станица, може да констатираме дека остварено е ветувањето на градоначалникот на Кисела Вода од предизборната програма

Фото: Општина Кисела Вода

Градоначалникот на скопската општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, во ноември 2021 година најави дека мерни станици што ќе го определуваат квалитетот на воздухот ќе се постават околу сите големи загадувачи во општината.

Иако две години подоцна, единствено беше функционална мерната станица до Домот на културата во Кисела Вода, градоначалникот Ѓорѓиевски неодамна, на 29 февруари 2024, го исполни ова ветување и со цел да се контролира загаденоста на воздухот во близина на Цементарница УСЈЕ АД, општината постави мерна станица во парцелата на компанијата. Оттаму, ова ветување на Ѓорѓиевски го оценуваме како исполнето.

Станува збор за уред кој поседува инструмент од типот Аeroqual AQS-1. Класата на точност за мерење на PM 10 честички е во две мерења и опфаќа честичките PM1, PM2.5; PM 10 и TSP. Опсегот на големина на честичките е од 0.1 микрометар до 40 микрометри. Мерењата ќе се вршат согласност стандардите и директивите на ЕУ, се вели во соопштението од Општина Кисела Вода.

Ѓорѓиевски рече дека на потег се сега надлежните, односно неминовна е потребата од неселективен ангажман на градот Скопје и на централната власт преку своите ресорни министерства за спречување на аерозагадувањето.

Мерните станици што го определуваат присуството на загадувачки супстанци во воздухот се клучни за осознавање на главните причинители на аерозагадувањето, а преку мерењата може да се определат и кои загадувачки супстанци се најприсутни, во кои временски периоди е најголемо загадувањето, а покрај алармирањето на населението, со нив властите може да определат и идни мерки за подобрување на квалитетот на воздухот.

Во Кисела Вода досега работеше само мерната станица кај Домот на култура „Билјана Беличанец”. Со оглед на тоа што сега е поставена уште една мерна станица, може да констатираме дека исполнето е ветувањето на градоначалникот на Кисела Вода од предизборната програма.

 

ИЗВОРИ:

Макфакс, 20.11.2021 – Во Кисела Вода поставена мерна станица за квалитет на воздухот (проверено на 05.03.2024)

Веб-страница на Општина Кисела Вода, 29.02.2024 – Ѓорѓиевски постави мерна станица во парцелата на Цементарница УСЈЕ (проверено на 05.03.2024)

Независен, 20.11.2021 – Мерна станица за квалитет на воздух поставена во Кисела Вода (проверено на 05.03.2021)