Македонските граѓани барем малку ќе можат да здивнат од енормното загадување на воздухот коешто го дишеа изминатиов период. Според временската прогноза на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), денеска и утре времето во земјава ќе биде врнежливо и ќе дува најпрво југоисточен, а потоа и северен ветер.
Денеска низ целата земја ќе биде облачно со врнежи од дожд, кои ќе продолжат и во текот на утрешниот ден. Утре ќе настапи спуштање на постудена воздушна маса од север, која ќе доведе на планините и повисоките места во северните делови врнежите од дожд да преминат во снег. Утре кон крајот на денот и во текот на ноќта врнежите ќе преминат во снег и во делови од скопската котлина.
Веќе од вторник, 9 јануари, во земјава ќе преовладува сончево време со слаб до умерен северен ветер и многу пониски температури на воздухот. Утринските температури насекаде ќе се спуштат под нулата, додека максималните дневни температури нема да надминуваат 6 до 8 целзиусови степени ниту на југот од земјава. И во Скопје ќе следи период на поладно време, со максимални температури на воздухот од околу 0 Целзиусови степени.