fbpx

Војната во Газа влегува во нова фаза за Израел

Израел бележи успеси изминатиов период, па така нејзините сили тврдат дека убиле илјадници борци на Хамас, вклучително и некои високи членови и демонтирале некои делови од огромната тунелна мрежа на групата под Газа. Но, предизвиците остануваат и крајната цел за уништување на Хамас е далеку од постигнување

-

Првичното ветување на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху по терористичките напади на Хамас од октомври 2023 година беше дека оваа терористичка група ќе биде целосно уништена. Сепак, Си-ен-ен во најновата анализа посочува дека израелската војска се префрла во нова фаза од војната против Хамас во Газа и има знаци дека и нејзините цели се менуваат.

„Раководството на израелската војска многу добро разбира дека најмногу што можат да направат е сериозно да ги деградираат воените капацитети на Хамас“, вели Билал И. Сааб соработник за Блискиот Исток и Северна Африка во Чатам Хаус.

Израел бележи успеси изминатиов период, па така нејзините сили тврдат дека убиле илјадници борци на Хамас, вклучително и некои високи членови и демонтирале некои делови од огромната тунелна мрежа на групата под Газа.

Но, предизвиците остануваат и крајната цел за уништување на Хамас е далеку од повидок. Земјите во војна поставуваат рокови. Израелските власти предупредија на долга војна која би можела да се протега низ целата 2024 година и понатаму.

И како што се зголемува меѓународниот притисок, исто така може да се зголеми и домашната нелагодност кон Нетанјаху – борбен премиер кој сака да укаже на опипливи победи.

„Постои трка со времето“, рече Сааб, наведувајќи ги клучните прашања со кои се соочува раководството на Израел. „По која цена ќе дојде овој тактички успех и колку време имаат Израелците да го постигнат тој тактички успех без да страдаат од позначителен меѓународен бес?“ вели тој, додавајќи дека влијанието на Хамас е многу пошироко од Газа и се прашува дали воопшто може да се постигне тоталниот пораз што си го зацрта Израел.

Но, останува нејасно дали раководството на израелските сили го остава елиминирањето на Хамас во листата на своите приоритети. Шефот на разузнавањето, генерал-мајор Ахарон Халива го изостави уништувањето на Хамас кога ги наброја воените цели во говорот во четвртокот, забележаа израелските медиуми.

И израелскиот министер за одбрана Јоав Галант во четвртокот ги откри плановите за следната фаза од војната во Газа, нагласувајќи нов борбен пристап на северот и постојан фокус на таргетирање на лидерите на Хамас, за кои постои сомневање дека се присутни на јужната територија на енклавата.

Во третата фаза, операциите на израелските сили во северна Газа ќе опфатат „рации, уништување на терористички тунели, воздушни и копнени активности и специјални операции“, според Галант.

„Оваа фаза ќе биде помалку интензивна, но ќе биде потребно повеќе време“, изјави за Си-Ен-Ен Јоханан Плеснер, претседател на Израелскиот институт за демократија и поранешен член на Кнесетот од партијата Кадима.

Ако пореална цел е сериозно намалување на борбените способности на Хамас, многу аналитичари велат дека е постигнат опиплив напредок во изминатите три месеци.

Во меѓувреме, американскиот државен секретар Ентони Блинкен ги повика земјите од Блискиот Исток да го искористат влијанието врз регионалните актери за да го ограничат конфликтот во Газа и да спречат „бесконечен циклус на насилство“. Блинкен патува во земјите од регионот, беше во посета на Турција и Грција, а пред патувањето во Јордан тој рече дека сака да се осигура оти нема да видиме ширење на конфликтот на Блискиот Исток.

Блинкен, кој исто така ќе ги посети арапските држави, Израел и окупираниот Западен Брег, рече дека ќе разгледа што може да се направи за да се зголеми заштитата на цивилите во Газа и да се зголеми испораката на хуманитарна помош, пренесува Гардијан.

„Убиени се премногу Палестинци, особено деца“, рече тој.

Војната започна кога борците на Хамас го нападнаа Израел на 7 октомври, убивајќи 1.200 луѓе и земајќи 240 заложници при своето повлекување во Појасот Газа. Во одмаздничката офанзива на Израел загинаа 22.700 Палестинци, според Министерството за здравство на Газа, управувано од Хамас.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

И за ВМРО-ДПМНЕ и за СДСМ, ЕУ е приоритет – колку остварлив, не се знае

Во своите изборни програми СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ја нудат ЕУ како највисок надворешен приоритет на државата. СДСМ бара уставни промени веднаш и ветува започнување и завршување на преговорите до...