Воздухот сѐ повеќе загаден, инспектори за животна средина сѐ помалку

Директорот на Државниот инспекторат за животна средина, Сретен Стојковски информира дека во првите неколку денови од годинава најголемите индустриски капацитети кои ги контролира Инспекторатот не работат или се со преполовен капацитет, но очигледно е дека воздухот и понатаму е многу загаден, а во Скопје и Струмица вредностите на ПМ-10 честички го надминаа и прагот на алармирање

Фото: Мета.мк

Правилникот за цврсти горива да се извади од фиока и да се усвои, бидејќи со него ќе треба да се регулира какви дрва и пелети горат домаќинствата и фирмите, апелираше денеска директорот на Државниот инспекторат за животна средина, Сретен Стојковски.

Тој информира дека во првите неколку денови од годинава најголемите индустриски капацитети кои ги контролира Инспекторатот не работат или се со преполовен капацитет, но очигледно е дека воздухот и понатаму е многу загаден, а во Скопје и Струмица вредностите на ПМ-10 честички го надминаа и прагот на алармирање. Редовни контроли мора да вршат и Градот Скопје и Општините кои се надлежни за инсталациите со Б-интегрирани дозволи, но и за издавање на дозволи за градба на објекти кои треба да го запазат процентот на зеленило во секоја парцела, што е очигледно дека не се почитува.

„Сите мора да го дадат својот придонес во намалување на загадувањето. Најголемите загадувачи се домаќинствата, градежниот сектор, сообраќајот и индустријата, затоа мора свеста да проработи кај сите“, рече Стојковски.

И годинава Државниот инспекторат нема да ја надмине својата најголема препрека, слабата екипираност. Во моментов таму работат само 24 инспектори, од кои 16 се на неколку години пред пензија. Цели региони кои имаат само по еден државен инспектор ќе останат без ваков надзор, како на пример во Струмица каде инспекторот веќе ги исполнил условите за пензија, или во Битола и Пробиштип каде во пензија може да заминат идната година.

Барањето за вработување петмина нови вработени годинава не им било одобрено од Министерството за финансии, а и буџетот за 2024 година, иако барале 44 милиони денари, им е помал дури и од тој за 2023. Буџетот за користење на акредитирана лабораторија им е 600.000 денари за цела година и за сите испитувања на воздухот, водите и отпадот, па во надзорите најчесто во предвид се земаат испитувањата кои ги приложуваат компаниите од акредитираните лаборатории со кои тие соработуваат.

„Еден водостопански инспектор си замина, а еден се повреди, па државата веќе некое време функционира без ниту еден водостопански инспектор. Се надевавме дека со буџетот што го побаравме ќе можевме да вработиме барем тројца нови и да купиме барем две теренски возила за посета на малите хидроцентрали, да не бараме од фирмите што треба да ги контролираме, но добивме само 35, 7 милиони денари, така што ќе имаме веројатно само за да преземеме еден нов инспектор“, вели Стојковски.

Тој денеска информираше за инспекциските надзори кои се направени во последната недела во најголемите потенцијални загадувачи на воздухот. Утврдено е дека Цементарница „Усје“ работи со намален капацитет, односно со само една печка, „Макстил“ не работи од 31 декември, како и повеќето индустриски капацитети во рамките на комплексот Железарница. Контролирани се и ТЕ-ТО и оџакот на печката за медицински отпад во „Дрисла“, како и повеќе капацитети во Струмица, каде што исто така беше надминат прагот на алармирање. Инспекторите на ДИЖС утврдиле дека двете гаражи на ЈСП Скопје во Автокоманда и во Ѓорче Петров веќе две години се затоплуваат на мазут, иако претходно со години користеле гас.

Државниот инспекторат минатиот месец ја поднел и кривичната пријава против „Рецикл еко старт“ и „Статус“, во врска со пријавата за складирање на опасен отпад од акумулатори во Општината Ѓорче Петров. Директорот Стојковски информираше дека против двете фирми е комплетирана целокупната документација и дека е доставена до Основното Јавно Обвинителство во Скопје, а кривичното дело за кое се сомничат фирмите е загрозување на животната средина и природата со отпад.