Во Скопје најголемо намалување на одѕивот, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со 1.660 гласа пред Можеме (инфографик)

-

Мал одѕив на гласачите во главниот град на одржаните парламентарни избори на 15 јули, како и тесна изборна трка меѓу двата главни конкуренти – коалициите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Незадоволство од работата на политичките партии или страв од можноста за ширење на ковид-19? Овие прашања се поставуваат по објавувањето на конечните неофицијални резултати на Државната изборна комисија (ДИК) за одржаното гласање на територијата на Градот Скопје, кои покажуваат најголемо изненадување кај бројот на гласачи што го искористиле своето право на глас.

Во споредба со парламентарните избори што се одржаа во декември 2016 година, одѕивот во скопските општини е опаднат најмногу споредено со останатите делови од земјава. Во речиси сите скопски општини одѕивот е намален за 20 отсто на изборите одржани на 15 јули во споредба со изборите од 2016 година. Податоците на ДИК покажуваат најголемо намалување во општина Аеродром (-26,72 отсто), по што следуваат Карпош (-25,29 отсто), Центар (-24,51 отсто), Кисела Вода (-24,32 отсто), Ѓорче Петров (-24,18 отсто), Гази Баба (-22,74 отсто), Бутел (-22,24 отсто), Шуто Оризари (-15,67 отсто), Чаир (-15,05 отсто) и Сарај (-7,32 отсто).

Треба да се напомене дека резултатите од скопските општини при гласањето на парламентарните избори се распределени во две изборни единици, и тоа во првата и втората изборна единица. Сепак, за да се увиди расположението на гласачите во главниот град, во овој текст се споени изборните резултати за сите 10 скопски општини. Притоа, коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ победила во пет општини: Центар, Карпош и Шуто Оризари, а повеќе гласови од ВМРО-ДПМНЕ „Можеме“ освоиле и во општините Чаир и Сарај.

Наспроти нив, опозициската коалиција „Обнова на Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ освоила повеќе гласови во општините Гази Баба, Аеродром, Кисела Вода, Бутел и Ѓорче Петров. Погледнато на ниво на територијата на Град Скопје, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ освоила 79.630 гласови, додека коалицијата „Можеме“ ја добила довербата на 77.970 гласачи. Како резултат на ова, произлегува дека ВМРО-ДПМНЕ сепак успеала да добие 1.660 гласови повеќе на територијата на главниот град.

Од скопските приградски општини кои не влегуваат под територијата на Град Скопје, коалицијата „Можеме“ освоила повеќе гласови од „Обнова на Македонија“ во општините Чучер Сандево, Студеничани и Арачиново, додека опозициската коалиција победила во Сопиште, Зелениково, Илинден и Петровец.

Резултатите од парламентарните избори за градовите од внатрешноста покажуваат дека коалицијата на СДСМ и Беса ја освоила победата во неколку поголеми града во споредба со онаа на ВМРО-ДПМНЕ, вклучувајќи ги Куманово, Битола, Тетово, Гостивар, Кочани, Струмица и Струга и во помалите градови Берово, Крива Паланка, Ресен, Крушево, Дојран, Дебар, Богданци, Радовиш, Валандово, Делчево и неколку рурални општини. Наспроти ова, ВМРО-ДПМНЕ успеала да победи во Прилеп, Велес, Штип, Гевгелија, Охрид, Кавадарци, Неготино и Кичево и во помалите градови Свети Николе, Македонска Каменица, Пробиштип, Македонски Брод, Кратово, Виница, Демир Капија, Демир Хисар и во некои рурални општини.

Конечните неофицијални резултати од вчерашните избори на ДИК покажуваат дека коалицијата „Можеме“ освоила 327.329 гласови и 46 мандати во Собранието на РСМ, додека коалицијата „Обнова на Македонија“ добила 315.344 гласови и 44 мандати во идниот парламентарен состав.

Шолц потврди дека гласањето доверба на владата во Бундестагот ќе се одржи на 16 декември

Германскиот социјалдемократски канцелар Олаф Шолц (66) денес потврди дека ќе побара гласање за доверба на владата на 11 декември, а Бундестагот потоа ќе гласа на 16 декември, отворајќи го...