fbpx
Comments are closed.

Утре е денот „Д“ за функционерите – почнуваат да се применуваат пониските казни од Кривичниот законик [инфографик]

Ако наједноставно треба да се опишат измените во Кривичниот законик, тогаш, според досегашните сознанија на познавачите, би било дека ниту еден функционер нема да се соочи со казна затвор повисока од 5 години, доколку ја злоупотреби службата

-

Од утре почнуваат со примена измените во Кривичниот законик (КЗ), кои беа изгласани во Собранието за експресно време, по скратена постапка и со европско знаменце, без јавна дебата. Со измените, меѓу другото, се предвидуваат пониски казни за дела поврзани со злоупотреба на службената положба, несовесно работење во службата и злосторничко здружување.

Обвинителите, судиите, адвокатите, сè уште се обидуваат да протолкуваат како ќе се одвива сиот овој процес – голем број неправосилни предмети ќе треба да почнат од почеток, некои предмети ќе застарат (најголем дел од предметите на поранешното СЈО), а делата ќе треба да се преквалификуваат. Голем број кривично-правни експерти со кои разговараше Мета.мк, велат дека досега не се соочиле со ваква ситуација во својот работен век, за толку кратко време и надвор од очите на јавноста, да се донесат толку големи промени кои се однесуваат на казни за лицата кои се на државни функции.

Ако наједноставно треба да се опишат измените во Кривичниот законик, тогаш, според досегашните сознанија на познавачите, би било дека ниту еден функционер нема да се соочи со казна затвор повисока од 5 години, доколку ја злоупотреби службата.

Па така, во членот 353 од Кривичниот законик, претходно се предвидуваше службено лице кое ја искористило службената положба и прибавило значителна имотна корист,  да добие затворска казна од најмалку 3 години. Ова значеше дека максималната казна за 353, став 3, беше 20 години. Со измените, казната ќе изнесува од една до пет години затвор, што значи дека ќе биде четири пати пониска.

Понатаму, во стариот закон, во член 353 став 5 беше предвидено дека ако злоупотребата на службата е сторена при вршење јавни набавки, на штета на Буџетот, казната ќе биде најмалку 5 години (или, најмногу 20 години). Сега, овој став во законот повеќе го нема. Од Основниот кривичен суд за Мета.мк изјавија дека во моментов се водат 34 предмети токму по овој став.

Меѓу нив, освен за ексфункционери кои се гонат по предмети од поранешното СЈО, е и Мухамед Зекири, поранешен генерален секретар на Владата. Сега, со оглед на тоа што тој се гони по став од закон кој повеќе не постои, на следното рочиште судот ќе го констатира тоа, а обвинителството ќе треба да го преквалификува делото, односно да го гони Зекири по друг член од законот. Слично ќе биде и со ексгенералниот секретар на Владата Драги Рашковски, кој беше неправосилно осуден на 8 години затвор, а сега предметот е во Апелацискиот суд. Второстепениот суд сега може да ја укине пресудата и да ја врати на повторно судење, по што обвинителството треба да се произнесе во однос на преквалификацијата, а може и мериторно да пресуди (помалку веројатно), според новите законски измени.

За злосторничко здружување, член 394 од КЗ, за „организаторот на групата/бандата“, досега казната беше од една до 10 години затвор, а сега таа се намалува до три години, односно за повеќе од три пати. По овој член, во Основниот кривичен суд во Скопје се водат девет предмети.

Правните експерти што ги консултиравме тврдат дека најголем проблем во случајов ќе биде застарувањето на предметите, а секако и трошоците кои ќе настанат на сметка на повторените судења за сите кои биле обвинети за злоупотреба на службената положба. Во случајов, ќе застарат сите предмети каде што делото е сторено пред 2013 година, со оглед на тоа што апсолутна застареност настапува двојно од времето на изречената казна (во случајов максималната казна е 5 години, што значи застарувањето би било за 10).

Тоа би значело дека ќе „куртулат“ сите функционери кои се обвинети или пак за кои се води истрага за дела сторени пред 2013 година, а се поврзани со злоупотреба на службата, несовесно работење или пак злосторничко здружување. Така, би застареле случаите „ТНТ“, „Талир“, „Талир 2“, „Трезор“, „Тарифа“, „Дизајн“, „Топлик“, „Титаник“, „Титаник 2“, „Шпански скали“, „Тврдина-Таргет“ и други.

Илустрација: Мета.мк

За Ковачевски законот е добар, за ЕУ е загрижувачки 

За разлика од бројните реакции во јавноста, премиерот Димитар Ковачевски има друг став – тој денеска рече дека измените на Кривичниот законик се позитивни и ќе доведат до поголема ефикасност на правосудниот систем. Тој изјави дека досегашните казни биле од комунистичко време, а измените кои се направени постојат во многу земји од Европската Унија.

„Кај нас во државата многу работи одат споро и со право тоа се забележува. Но, кога нешто ќе оди брзо мислам дека не треба многу да му се забележува. Измените се направени во согласност со законодавства кои важат во ЕУ. Ако го видите германското законодавство, тогаш членот кој кај нас најмногу се коментираше дека го нема е баш таков и во Германија. Ако ја видите висината на казните и ги споредите со Словенија, ќе видите дека се на исто ниво. Тоа што ние претходно имавме закон во кој што казните беа од комунистичко време бидејќи беа направени од еден, јас би нарекол Дарт Вејдер на македонското судство, не значи дека не треба да се сменат“, рече Ковачевски.

Премиерот кажа дека сега се воведува конфискација на незаконски стекнат имот што било барање на граѓаните и повеќето судски случаи нема да се водат до недоглед.

Од друга страна, портпаролката на Европската комисија задолжена за соседство, проширување и меѓународни партнерства Ана Писонеро, запрашана за коментар за Измените во Кривичниот законик, за државната новинска агенција МИА изјавила дека „Северна Македонија се обврза да го промовира владеењето на правото и да се бори против неказнивоста и затоа, санкциите за корупциски активности мора да бидат ефективни, соодветни и разубедувачки“.

„ЕУ со загриженост забележува дека некои од измените во Кривичниот законик усвоени во забрзана постапка од Собранието на Северна Македонија со кои се намалуваат максималните законски казни и се предизвикуваат импликации врз примената на принципот на застареноста, влијае врз голем број случаи на корупција на високо ниво“, изјавила Писонеро.

Таа во изјавата додава и дека ЕУ изразува жалење поради недостигот на сеопфатни консултации со домашните фактори и со Европската комисија пред нивното усвојување, како и за употребата на процедурата со ЕУ знаменце, која треба да биде конзистентна и јасно поврзана со законите кои првенствено имаат за цел усогласување на националното право со законодавството на Унијата.

2 Коментари

  1. […] Nga nesër do të fillojnë të zbatohen ndryshimet në Kodin Penal (KP), të cilat u votuan në Kuvend brenda një kohe shumë të shkurtër, me një procedure të shkurtuar dhe me flamur evropian pa debat publik. Me ndryshimet, ndër të tjera, parashihen dënime më të ulëta për veprat që kanë të bëjnë me keqpërdorimin e pozitës zyrtare, punën e pandërgjegjshme në shërbim dhe bashkimin kriminal, shkruan Meta.mk. […]

  2. […] Nga nesër do të fillojnë të zbatohen ndryshimet në Kodin Penal (KP), të cilat u votuan në Kuvend brenda një kohe shumë të shkurtër, me një procedure të shkurtuar dhe me flamur evropian pa debat publik. Me ndryshimet, ndër të tjera, parashihen dënime më të ulëta për veprat që kanë të bëjnë me keqpërdorimin e pozitës zyrtare, punën e pandërgjegjshme në shërbim dhe bashkimin kriminal, shkruan Meta.mk. […]

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...