Бектеши: Ќе се забранат акции и промотивни цени во маркетите, ќе има замрзнување на цените

Според министерот за економија, некои синџири на супермаркети прават измами со можноста да направат акции со намалени цени или кампањи. Министерството дополнително ќе проследи одлука за замрзнување на цените во прехранбената индустрија

Фото: Мета.мк

Ланската, кризна година најголемите синџири на маркети не само што ја завршиле позитивно, туку и со профити и зголемување на приходите, изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши, и објави дека Министерството за економија испратило предлог до Владата да се воведе забрана за акциска продажба и промоција на продукти од страна на синџирите маркети до 30 ноември.

„Изгледа чудна одлуката, дека ќе им скрати на граѓаните, но не е така, затоа што наредната недела ќе проследиме одлука за замрзнување на цените во прехранбената индустрија. Тоа ќе доведе до линеарно намалување на цените за минимум 10 отсто“, рече Бектеши, додавајќи дека „трговците нема да знаат на кој датум ќе бидат замрзнати цените и на тој начин нема да можат да ги поскапат“.

Според министерот за економија, некои синџири на супермаркети прават измами со можноста да направат акции со намалени цени или кампањи.

„Затоа, за да бидат на чисто граѓаните, нема да има акции, туку точно ќе се знае цената, а не да се калкулира на дневно ниво“, изјави Бектеши.

Тој по денешниот работен состанок со раководителите на подрачните одделенија на Државниот пазарен инспекторат нагласи дека иако има намалување на инфлацијата, согласно согледувањата на Министерството за економија, има уште простор за да се намалуваат цените.