Во текот на изминатото деноноќие во Украина се воделе 20 битки меѓу украинските одбранбени сили и руските инвазиски сили, а офанзивата на вооружените сили на Украина на југот на земјата продолжува, соопшти утрово Генералштабот, пренесува украинската државна новинска агенција ukrinform.net.
Одбранбените сили на Украина продолжуваат со офанзивата кај Мелитопол и Берѓанск, при што успешно ги задржуваат освоените територии и успешно дејствуваат врз руската артилерија.
Украинските борбени авиони во изминатите 24 часа извршиле 10 напади на непријателска жива сила, оружја и воена опрема, а биле уништени и осум извидувачки дронови. Со ракетни системи и артилериски оружја исто така биле гаѓани руски позиции, при што е уништен еден систем за противвоздушна одбрана.
Најновиот успех на украинската противвоздушна одбрана се случил утрово, кога кај Бахмут е соборен руски хеликоптер Ка-52, едно од најнапредните и најсофистицирани оружја на денешницата.
Руските сили извршиле осум ракетни напади, 82 авионски напади и 76 напади со повеќецевни ракетни лансери, при што покрај позиции на украинската армија, биле погодени и цивилни цели и има загинати цивили.
Уништени се пристанишна инфраструктура во регионот Одеса, како и станбени згради и друга цивилна инфраструктура во регионите Харкив, Луханск, Донецк, Днипро и Херсон.
Во Херсон е забележана една цивилна жртва, а во Донецк според досега познатото, биле повредени двајца цивили.
Според украинскиот генералштаб, во текот на изминатиот ден одбранбените сили убиле или повредиле 480 руски војници, со што билансот се искачи на вкупно 256.050 припадници на руските вооружени сили.