При исцрпување на водата од подрумските простории во Домот на културата во Чрна, Словенија 32 лица биле изложени на јаглероден моноксид, при што осуммина од нив биле затруени од гасот и се пренесени в болница, јави Радиотелевизија Словенија.
Двајца од нив се македонски војници, дел од контингентот од 100 војници и опрема како помош на Словенија за расчистување на штетите од поплавите. Како што соопшти пред малку македонското министерство за одбрана, по испитувањата в болница, утврдено е дека македонските војници се добро и утрово се вратени во сместувачките капацитети, каде денеска ќе одмараат.
„Благодарност до словенечките пријатели за брзата реакција!“, порача МО.
Како што објаснува главниот лекар на словенечката војска Роберт Царота, инцидентот се случил вчера попладнето, кога во објектот биле 18 припадници на македонската војска, шест припадници на словенечката војска и осум пожарникари. Царота ги прегледал сите и заклучил дека никој од затруените не е во животна опасност, но сепак со хеликоптер во болниците во Словењ Градец, Марибор, Тополшица и Љубљана се пренесени пет словенечки војници, двајца припадници на АРМ и еден пожарникар.