fbpx

Прва жртва од корона вирусот, почина 57-годишна кумановка, вкупно 114 заразени во целата земја

-

Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција соопшти дека 57-годишна жена од Куманово е првата жртва од корона вирусот во Македонија. Докторите од Општата болница во Куманово постапиле според протоколот и направиле два иницијални теста на корона вирусот, кои пак покажале дека жената е негативна. И покрај ова, жената била лекувана во изолација во текот на минатата недела во кумановската болница.

Министерот Филипче информираше дека состојбата на жената нагло се влошила. Поради развојот на состојбата, докторите одлучиле повторно да земат брис после констатацијата на нејзината смрт, кој пак покажала дека жената е заболена од корона вирусот.

Заедно со неа, хоспитализиран бил и нејзиниот син, на возраст од 33 години. Во текот на вчерашниот ден настанало влошување на состојбата и тој бил префрлен во одделот за изолација на Клиниката за пулмологија, а потоа бил префрлен на Клиниката за инфективни болести во Скопје, информираше Филипче.

Заклучно со денешниот ден во 12 часот, министерот посочи дека 29 нови случаи на заразени од корона вирусот се регистрирани во нашата земја. Вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 до денес до 12 часот е 114. Најмногу случаи, вкупно 65, се регистрирани во Скопје. Дебар е втор со 36 регистрирани случаи, 7 случаи има во Штип, по 2 случаи во Кавадарци и Охрид и по 1 случај во Гостивар и Куманово.

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во моментов се хоспитализирани 24 пациенти. 7 пациенти се континуирано на третман со кислород, 11 се веќе во стабилна – добра здравствена состојба. Кај пациентката кај која имаше влошување нема промена на состојбата и таа сѐ уште е на респираторна машина, информираше министерот Филипче.

Тој посочи дека просечната возраст на пациентите заразени со корона вирусот е 45-46 години, потенцирајќи дека старосната возраст ја намалуваат децата.

Од утре ќе почнат со работа и 14 пунктови низ целата земја, каде што граѓаните ќе можат да се тестираат за да се утврди дали се заразени со корона вирусот. Од нив, во Скопје ќе се отворат два дополнителни пункта во Чаир и Јане Сандански. Министерот Венко Филипче појасни дека ќе се тестираат по 50 случаи според епидемиолошки индикации, додека 150 случаи што ќе се тестираат ќе бидат со претходни закажувања преку матичен лекар.

– Матичниот лекар ќе треба да пополни алгоритам, кој ќе укаже на тоа дали пациентот треба да биде тестиран или не – изјави Филипче.

Во текот на утрешниот ден, нови дополнителни мерки ќе бидат донесени за лицата над 65-годишна возраст во однос на можноста за нивно движење надвор од домовите, за што владата дополнително ќе информира. Министерот за здравство веќе најави дека Комисијата за заразни болести ќе одлучува за мерката за ограничување на движењето на старите лица единствено во раните утрински часови, кога ќе можат да одат до аптека или продавница по неопходните продукти. Во останатите периоди од денот, на лицата над 65-годишна возраст ќе им биде забрането движење.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...