fbpx

Отворено писмо: Земјите од Г20 итно да обезбедат 8 милијарди долари за борбата против КОВИД19

-

Итно да се доделат 8 милијарди долари за справување со новиот корона вирус во целиот свет, за да се спречи крах на здравствените системи, но и на економиите. Дополнително, за земјите со послаби здравствени системи и ранливо население, да се обезбедат уште 35 милијарди долари во блиска иднина, побараа речиси стотина поранешни претседатели, премиери, министри, нобеловци, професори, експерти и филантропи од целиот свет во отвореното писмо упатено до властите на Г20 (дваесетте најразвиени земји во светот), барајќи итна акција. Писмото е објавено на веб-страницата на „Проеџект синдикејт“ (Project Syndicate), реномирана светска платформа која објавува колумни и коментари од врвни авторитети.

Тие ги ставија своите потписи на писмото до групата најразвиени земји што го составија поранешниот британски премиер Гордон Браун, поранешниот главен економист на Европската банка за обнова и развој Ерик Берглеф, како и директорот на „Велкам Траст“, глобална хуманитарна организација посветена на подобрување на здравјето. Меѓу потписниците е и филантропот Џорџ Сорос. Интересно е што еден од потписниците е и претходниот македонски претседател Ѓорге Иванов.

Сите тие побараа координирана глобална акција во следните неколку денови за справување со огромниот здравствен предизвик од корона вирусот, но и за економската вонредна состојба. Барањата на потписниците до Г20 се неколку.

„Сите здравствени системи – дури и најсофистицираните и најдобро финансираните – потклекнуваат под прритисокот од вирусот. Но ако ништо не направиме додека вирусот се шири во посиромашните африкански, азијски и латинскоамерикански градови и кревки заедници, кои имаат многу малку опрема за тестирање, апарати за вештачко дишење и медицински материјал, и каде социјалното дистанцирање и дури и миењето раце се тешко оствариливи, Ковид-19 ќе опстои и повторно ќе се појави во нови фази во остатокот од светот, што ќе ја продолжи кризата“, порачуваат потписниците, барајќи осум милијарди долари за најитните потреби, што ќе бидат прецизно распоредени според насоките од Комисијата за следење на глобалната готовност (Global Preparedness Monitoring Board).

Така, за годинава се бара една милијарда долари за Светската здравствена организација (СЗО), што ќе ѝ овозможи во целост да ја исполни својата критична мисија. „Иако околу 200.000 организации и поединци веќе донираа повеќе од 100 милиони долари, не смее да се остават нештата само на доброволни прилози“, се вели во писмото.

Се бараат и три милијарди долари за вакцини, посочувајќи дека Коалицијата за иновации за епидемиска готовност (Coalition for Epidemic Preparedness Innovations – CEPI) ги координира глобалните истражувања со цел да се развијат ефикасни вакцини за Ковид-19. Дополнително Гави – Алијанса за вакцините ќе има важна улога во набавување и рамноправно доставување на вакцините во најсиромашните земји, а за тоа ѝ се потребни уште 7,4 милијарди долари, се вели во апелот.

За медицински средства ќе бидат потребни 2,25 милијарди долари.

„Наместо секоја земја, провинција самостојно да се бори самостојно, со ризик цените да почнат вртоглаво да растат, треба значително да го зголемиме капацитетот помагајќи ѝ на СЗО да го координира глобалното производство и испорака на медицински залихи, како тестови, лична заштитна опрема и информатичка и друга технологија“, се бара од Г20.

Дополнително потписниците бараат за економиите во развој, со посебен акцент на најсиромашните земји, Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) да додели уште 500 до 600 милијарди долари како кредити за поддршка на економиите.

Дополнителни 35 милијарди долари во најскоро време, според проценките на СЗО, ќе бидат потребни за поддршка на земјите со послаби здравствени системи и исклучително ранливо население за витални медицински средства и за медицинските работници (во поголем дел од земјите, 70 отсто, жените се послабо платени од мажите), се вели во писмото до Г20.

Во делот за економските мерки, во обид да се спречи светска рецесија, се вели дека ќе бидат неопходни дополнителни пари за Светската банка (СБ) и други банки за развој. Се бара и да се простат годинашните рати за кредитен долг на посиромашните земји (од тоа, на Африка годинава отпаѓаат 44 милијарди долари), како и дополнителни пари за да се овозможи фискално функционирање во голем број сиромашни земји низ светот.

Сите тие работи да се договорат на самит веднаш, како дел од Акцискиот план Г20 и да бидат потврдени и на состаноци на ММФ и СБ, велат потписниците.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК: Jавен увид и промени во избирачкиот список може да се прават до вечерва на полноќ

Апелираме до граѓаните дека јавниот увид во Избирачкиот список како и промена, запишување и бришење на податоци ќе може да се направи уште денес, 18 март, до 24 часот, соопшти...