fbpx

Од Кванташки пазар одземени 15 тони овошје и зеленчук, Владата најавува кривични пријави

Има и казни за трговците на мало како што се Веро, Стокомак, Кипер, Зендолино, Тинекс, Миса МКБ и нема да застанеме со акциите и контролите тука, рече министерот Бектеши

-

Прекршочни налози се издадени за Кванташки пазар, за увозници на овошје и зеленчук како и за субјекти во трговијата на мало, а ќе следат и кривични пријави за трговски субјекти за кои е утврдено затајување на плаќање данок. Ова денеска го соопштија на заедничка прес-конференција министерот за економија Крешник Бектеши заедно со Директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски.

Министерот Бектеши кажа дека Државниот пазарен инспекторат во кординација со сите надлежни институции кои се во надлежност на Владата, почнувајќи од Државниот пазарен инспекторат, Финансиската полиција, Царинската управа, Управата за јавни приходи ќе продолжат со засилени акции на терен со цел да се почитуваат Одлуките на Владата за цените на основните прехранбени производи.

„Неделава ќе бидат доставени и кривични пријави за непочитување на одлуките на Владата. Нема да има никакви отстапки за никој што не ги почитуваат одлуките на Владата. Вчера беа одземени повеќе од 15 тони овошје и зеленчук и акциите ќе продолжат. Има прекршочни пријави и за управителите на Кванташки пазар, компанијата Анмарк ДООЕЛ, има казни за увозници на овошје и зеленчук за компаниите Астра фреш, Савари, Атлантик, Фрута-Фрукта, Стрима, Нехар фреш, Ема стил и други, а секако има и казни за трговците на мало како што се Веро, Стокомак, Кипер, Зендолино, Тинекс, Миса МКБ и нема да застанеме со акциите и контролите тука“, рече Бектеши.

Тој најави дека одлуката за замрзнати цени на основни прехранбени производи ќе продолжи и во наредниот период. Бектеши потенцираше дека избегнување на давачки од над 10.000 евра е кривично дело и веќе се утврдени прекршоци во овој дел за што ќе следат кривични пријави.

„Неколку компании тоа го направиле. При крај се анализите на Финасиска полиција и за други компании и до петок ќе бидат покренати кривични постапки. Владата, институциите си ја вршат навремено својата работа, со цел да ги заштитат потрошувачите и да не дозволат во вакви времиња да се прават профити“ додаде министерот.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски кажа дека на Кванташки пазар биле констатирани многу прекршоци. Затекнати биле трговци кои не воделе евиденција во трговија, рече тој, а одземените стоки се предадени до Агенцијата за управување со одземен имот.

„Државниот пазарен инспекторт во координација со Финансиската полиција и МВР изврши увид на Кванташки пазар каде што се констатираа многу прекршоци. Изречена е глоба за Кванташкиот пазар, но и за многу увозници и она што е затекнато е дека и физички лица кои немаат регистрирана дејност вршат продажба на производи. Во рамките на нашите надлежности ќе продолжиме да вршиме контроли низ целата држава и нема да дозволиме непочитување на мерките“, рече Трајковски.

Од она што било вчера констатирано, објасни тој, е дека имало трговци кои не воделе евиденција.

„Одземени се стоки во вредност од 15 тони, беа распределени заедно со Агенцијата за одземен имот и се предадени на одредени институции“, додаде Трајковски.

Тој најави дека од денеска, сите инспектори кои констатирале прекршок ќе се појавуваат на судските рочишта, и тоа мора да биде пракса.

„Апелирам до сите економски субјекти, практиката, едната опција е да си ги земат платните налози и да си платат, а другата опција е да си го остварат своето право доколку имаат забелешка преку судска постапка. Од денеска сите инспектори кои констатирале прекршок кај економските субјекти ќе се појавуваат на судските рочишта и ќе ги застапуваат и ќе ги бранат законските одредби според кои ги изрекле прекршоците. Законите мора да функционираат и ќе функционираат. Нашата цел е доследно почитување на законите и функционирање на системот, а граѓаните ги охрабруваме да ги пријавуваат неправилностите кои ги нарушуваат нивните потрошувачки права“, потенцира Трајковски.

Откако вчера заврши координираната акција на Кванташкиот пазар, која Агенцијата за управување со одземен имот и Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) ја спроведоа заедно со Управата за финансиска полиција и МВР, запленетата роба од овошје и зеленчук била донирана во болници, здруженија, училишта и во затворот Идризово, соопштија од Агенцијата за управување со одземен имот.

Запленетото овошје и зеленчук од акцијата на Кванташки пазар донирано во болници и во училишта

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Постигнат цензусот за претседателските избори

Излезноста во вториот круг на претседателските избори до 17 часот е 42,32 отсто, изјави претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски. Процентот на излезност до 17 часот, како што...