fbpx

Нови претседателства на ЕУ, нови политички предизвици – сѐ помалку амбиции за Западниот Балкан

Западниот Балкан посебно се третира во делот за надворешни односи – и тоа во долниот дел на листата на регионите. Покрај општите определби за поддршка на „издржливоста, стабилноста и безбедноста“ на државите од регионот, изрично се поддржува проектот за постепена интеграција на државите од ЗБ во ЕУ

-

Овој јули не е само промоција на шпанското претседателство, туку и на новото трио – Шпанија, Белгија и Унгарија. Она што предизвика најмногу внимание не е програмата на триото, туку сѐ поголемата загриженост дали Унгарија, земја која континуирано го прекршува владеењето на правото, може да претседава со Унијата. Европскиот парламент во резолуција усвоена на крајот на мај ја стави во прашање способноста на Унгарија да претседава со Унијата, па ги повика и Европската комисија и Советот да се изјаснат. И додека опциите за евентуално „прескокнување“ на Унгарија како претседавач се дискутираат, постапката си врви, па така е објавена и програмата на ова „трио“.

Автор: Малинка Ристевска – Јорданова

Шпанија го презема претседателството на ЕУ во ек на подготовка за вонредни парламентарни избори кои треба да се одржат кон крајот на јули, свикани по неочекуваниот успех на десницата на неодамнешните локални избори. Сегашната конзервативна опозиција се пожали дека не била консултирана во подготовката на програмата на Претседателството. Експертите прогнозираат дека промена на Владата во Мадрид може да има политички последици врз претседателството, особено што ова е последно „целосно“ претседателство пред изборите на ниво на ЕУ. Брисел, пак, гледа на шпанското претседателство како на последна шанса да се затворат одредени легислативни досиеја пред изборите и да се исполни што повеќе од ветеното.

Шпанскиот премиер Санчез ги нагласи следниве приоритети: промовирање на реиндустријализацијата на Европа, движење кон еколошка транзиција, консолидирање на социјалниот столб и зајакнување на европското единство. Сепак, битно е што Шпанија ќе приоретизира од сето она што треба да се направи до европските избори. Експертите оценуваат дека приоритет ќе имаат дигитализацијата – особено регулативата за вештачка интелигенција, досиејата за сајбер безбедност и етички прашања поврзани со човековите права во дигитализацијата на ЕУ. Следен значаен приоритет е привршувањето на неколкуте преостанати закони од легислативниот пакет „Подготвени за 55“ (“Fit for 55”). Досието за зелена транзиција има приоритет за сегашната социјалистичка влада, но многумина го поставуваат прашањето дали тоа ќе остане така при евентуална промена на Владата. Секако, приоритет во надворешната политика за шпанското претседателство е развојот односите со Латинска Америка и Карибите.

За нас, секако најинтересно е како следните претседателства го третираат проширувањето и Западниот Балкан. Во програмата на триото се наведува дека тројката „ќе придонесе за размислувањето за тоа како да се интегрираат нови членки на начин што ќе ги зајакне клучните европски политики“. Или – веќе познатата парадигма: реформи, па проширување, а за тоа допрва ќе размислуваме.  Украина го добива приматот во поглавјето „за промовирање на европските интереси и вредности во светот“ – со акцент на поддршката во војната, но и финансиска поддршка за нејзината реконструкција. Општата формулација за проширувањето, „во согласност со новата методологија“, е збогатена со апсорпциониот капацитет на ЕУ да прима нови членови. Не се наведуваат посебно државите кандидати и потенцијални кандидати. Западниот Балкан  се споменува само како дел од „неподредното соседство на ЕУ“, без посебен фокус на проширувањето.

Шпанското претседателство, пак, во својата програма, вели дека ќе работи на поттикнување на процесот на пристапување на кандидатите и ќе го продолжи политичкиот дијалог. За ова претседателство предизвик ќе бидат новите заклучоци за проширувањето кои ќе ги опфатат за прв пат и Украина и Молдавија, по првите извештаите на Комисијата кои се очекуваат за нив во октомври, заедно со оние за земјите од Западниот Балкан. Шпанија ветува заклучоци кои ќе понудат “реални и веродостојни рокови за земјите кандидати“. Интересно е тоа што ќе настојува да се отворат преговорите со Украина и Молдавија, а за постојните (неспоменати по име) – да се напредува со меѓувладините конференции.

Западниот Балкан посебно се третира во делот за надворешни односи – и тоа во долниот дел на листата на регионите. Покрај општите определби за поддршка на „издржливоста, стабилноста и безбедноста“ на државите од регионот, изрично се поддржува проектот за постепена интеграција на државите од ЗБ во ЕУ. Неамбицизоноста за пристапувањето се огледа во меката формулација „ќе се грижи за процесот на пристапување“, додека како главни настани се споменуваат Форумот на граѓанското општество за ЗБ, како и минстерски состанок ЕУ- Западен Балкан. За разлика од овие настани, веројатно повеќе ќе може да се очекува од најавениот неформален министерски состанок за проширувањето во септември. Од конкретните прашања во регионот, изрично се споменува само дека ќе се поддржи дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Анализата на документите и изјавите јасно покажува дека се намалува амбициозноста во ЕУ во поглед на пристапувањето на државите од Западниот Балкан и сѐ повеќе се промовира пристапот на „постепена интеграција“. Приматот во проширувањето го презема Украина, но со големи прашалници во поглед на временската перспектива, со оглед на последиците за апсорпциониот капацитет на Унијата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...