fbpx

Ботовите паднаа на теме – супер специјал, фанови и хејтери

Човекот кој го објави списокот на 14.000 партиски ботови во Србија за Мета.мк вели дека го купил за 15.000 евра

-

Некој е горд партиски бот, а некој го фали лидерот на партијата и ги напаѓа неговите противници под закана да ја изгуби својата работа. Eдно е сигурно, бројот на врбувани лица од политички партии да шират пропаганда на социјалните мрежи вклучува десетици илјади луѓе. Но, во земјата од каде потекнуваат најмногу дезинформации во регионот, Србија, деновиве се случува голема дебата која започна откако беа јавно објавени имињата и профилите на 14.000 лица за кои се тврди дека се ботови на владејачката Српска напредна партија (СНС).

Новинската агенција Мета го контактираше човекот кој јавно го објави списокот на имиња и профили на дел од ботовите во Србија: Драган Видаковиќ – Мрки. Информациите кои ги сподели во изјавата не можат да се проверат од независен извор, но ако се прегледаат самите профили на социјалните мрежи може да се забележи дека голем дел од нив навистина се партиски ботови.

15.000 евра за список од 14.000 ботови

Тој вели дека за списокот платил 15.000 евра, пари кои ги собрал од српската дијаспора. Наводно списокот го купил од еден од шефовите на ИТ тимовите на Срспката напредна партија (СНС). Oвие ИТ тимови, според Мрки, ја оркестрираат целата операција на ботување преку Вибер групи, откако претходно ќе добијат инструкции од партиските штабови.

Во однос на автентичноста на списокот, Видаковиќ вели таа може да се докаже, и дека тој наскоро ќе објавел голем број докази за тоа како функционира ботовскиот систем во Србија.

Во објавениот список впечатлива е поделбата на ботовите во три категории: „супер специјал“, „фанови“ и „хејтери“. Видаковиќ објаснува дека „супер специјал“ се најактивните ботови кои ги напаѓаат противниците на партијата и пласираат лажни информации за нив, а фановите шират „поддршка за режимот“.

„Хејтерите се тие кои ја напаѓаат секоја вест на слободните медиуми. Често може да се видат со коментари од типот ‘Не сум за Вучиќ, ама овие…’ или ‘Сите се исти’ и слични коментари. Хејтерите се задолжени за убивање на моралот на оние кои се политички неутрални“, објаснува Видаковиќ.

Видаковиќ не покажува многу милост кон луѓето чии лични податоци тој објави на списокот и покрај тоа што се сомнева дека голем дел од нив биле принудени да служат како ботови на СНС за да си ја задржат својата работа. Тој вели дека луѓето од помалите места во Србија се сега ставени на „столбот на срамот“. Додава оти се надева дека ќе има и „кривична одговорност“ за нив.

Но, спротивно на неговите тврдења, ботувањето само по себе не е кривично дело, освен ако не содржи елементи на загрозување на безбедноста. Она што е криминално во таа операција е злоупотребата на буџетски средства за поткуп на граѓаните да вршат дејности кои не се воопшто законски предвидени. Тоа го потврди и претседателот на Здружението на обвинители на Србија, Радован Лазиќ кој во емисијата Њузнајнт на српската ТВ Н1 рече дека во случајот постојат елементи на сериозна корупција.

„Постои сомнеж дека тие луѓе кои биле на списокот на ботови, всушност биле вработени во јавни претпријатија и државни органи, без да имаат конкретно работно место и да немаат конкретни работни обврски. Земале плата за пишување на некои објави и тоа укажува на можноста за сериозна корупција, а тоа треба да ги интересира обвинителите. Не сум оптимист дека тоа ќе се случи, но обвинителството треба да поведе предистражна постапка за овој случај, иако сè уште е рано да се зборува за тоа“, додаде Лазиќ.

Откако беше објавена листата, наместо одговори во јавноста, српската владејачка партија на чело со претседателот Александар Вучиќ, започна онлајн кампања наречена „Да, јас сум СНС Бот!“.

„Најмногу на светот ја сакам Србија и Српската напредна партија“, се вели во графичкото решение за кампањата на која се прикажани млади луѓе како јадат сендвичи.

Кој е Драган Видаковиќ – Мрки?

Видаковиќ се претставува како претседател на Српското движење – Герила, кое како што вели, го формирал по блокадите на крстосниците во Србија како реакција на високите цени на горивата во 2018 година.

Имам средна стручна спрема, не сум високо образован и не го кријам тоа“, вели Видаковиќ за Мета.мк. Додава дека неколку пати бил апсен и приведуван, меѓу другото и за загрозување на безбедноста на претседателот на Србија Александар Вучиќ со твит. Како што посочува, тој моментално е политички азилант во Швајцарија.

Истовремено, тешко се наоѓаат подетални информации за неговото движење, „Покрет Србије – Герила“. 

Во однос на нивните вредности, во еден свој твит Видаковиќ вели дека движењето е за „автономија на Војводина, признавање на Косово, санкции против Русија, влез во ЕУ“. Но, потоа додава одредени емотикони за намигнување во коментарите кои можат да навестат дека таквото објаснување е саркастично. На Јутјуб каналот на движењето може да се најде видео насловено „Не го даваме Косово“ – но не може со сигурност да се потврди дека тој канал припаѓа на движењето.

Во мај 2019 година движењето организирало протест со поставени шатори и транспарент на кој пишувало „Ни Курта, ни Мурта“. Од дневниот весник Данас известуваат дека на овој протест добиле флаер на кој пишувало дека ако не се исполнат нивните 11 барања српскиот народ ќе почнел со граѓанска непослушност и генерален штрајк. Во тој период не е забележана некоја значајна граѓанска непослушност ниту имало генерален штрајк.

Во јуни 2019 движењето најавува протест пред Амбасадата на САД во Белград, како што навеле, „против американските политики кон Србија и Косово“. Протестот бил спречен поради немањето техничар кој ќе можел да оперира со пиротхеничките средства кои ги донеле со себе како чадени бомби и факели, објавила тогаш Радио Слободна Европа.

Колегите новинари од Србија за Мрки велат дека тој не е баш некоја видлива личност и многу е тешко да се проверат неговите тврдења.

„Тој е десничар кој околу себе собира млади луѓе што веруваат дека промената на власта во Србија (па дури и насилна) е единствениот пат за обнова на државата и општеството“, вели Никола Петровиќ од ИСАК Фондот (The International and Security Affairs Centre – ISAC Fund) во Белград.

Она што дополнително може да се забележи е дека Видаковиќ има доста екстремни ставови за некои прашања. На пример, неретко пишува на Твитер дека посакува Вучиќ да не ја преживее следната посета на доктор.

Бројот на партиски ботови е многу поголем

Самиот Видаковиќ, за Мета.мк вели дека она што тој го објави не е севкупниот список на ботови на СНС во Србија и дека е многу веројатно тој број да е поголем. Ако се извлече паралела и се споредат активностите на дел од македонските парламентарни партии, може да се забележи дека слични активности на наводна масовна поддршка на социјалните мрежи постојат и кај нас. До сега на неколку наврати поранешни министри и пратеници јавно говореа дека се цел на онлајн напади на партиски ботови.

Така, поранешниот министер за здравство и за образование во владите на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров, во интервју во 2018 година откри дека партијата негува партиски ботови кои се користат за да спроведуваат линч на социјалните мрежи, да шират невистини и говор на омраза.

Слична изјава имаше и поранешната пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова која во 2019 година јавно го потврди постоењето на партиските ботови.

Освен овие јавни искази за постоењето на партиските ботови во С. Македонија, до сега не се појавија конкретни докази за тоа кои се всушност овие луѓе, дали се дел од јавната администрација или членови на подмладоците на партиите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Патот до слободниот пристап до информации поплочен со тужби, нетранспарентност и молк од администрацијата

Колкава плата зема одреден министер, директор, функционер? Колку пари потрошиле пратениците за патни трошоци? Колку судски пресуди се донесени за семејно насилство? Колку чинело новогодишното украсување за секој град...