Анализа на Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика за Портаб.мк
По неполна година, европските лидери на највисоко ниво се навратија на прашањето на заедничката одбрана на нивниот мартовски самит.
Се чини поголемо внимание предизвикаа изјавите во „загревањето“ за Европскиот самит, одошто неговите резултати. Таков беше ставот на францускиот претседател Макрон дека не треба да се исклучи праќањето западни трупи во Украина, подоцна само омекнат дека „сега не е време за тоа“. Очекувано, повеќе други држави членки на ЕУ не беа воодушевени со ваквите изјави – во прв ред Германија, Шпанија, Италија и Полска. Дека нема намера да праќа копнени трупи во Украина се изјасни и НАТО, при јасна слична изјава и од САД. Повеќе експерти ги протолкуваа макроновите изјави како дел од редицата мешани пораки до Москва.
Сепак, не треба да се заборави дека одбраната на преден план на европската агенда ја исправи токму Франција, со идејата за стратешка автономија на ЕУ, која подоцна влезе во официјалните планови на Унијата. Меѓутоа, исто така, треба да се имаат предвид некои факти кои во дебатата за европската одбрана ги истакнуваат експертите од оваа област. Така, податоците од базата за извоз на оружје на Стокхолмскиот меѓународен истражувачки институт за мир покажуваат дека Франција минатата година го презела второто место на листата светски извозници на оружје од Русија, чиј извоз на оружје нагло паѓа. Франција го зголемила својот извоз на оружје за 47% во петгодишниот период 2019-2023 во споредба со претходниот петгодишен период. Сега оваа држава има 11% од светскиот извоз на оружје. САД е секако на врвот на листата со 43% удел во глобалниот пазар на оружје, споредено со 32% во претходниот петгодишен период. Од друга страна, европските земји се изминатите пет години скоро го дуплирале нивниот увоз на оружје (зголемен за 94%), од кој половината – од САД.
Истовремено, анализата на реномираниот германски институт за глобална економија од Кил, кој ги следи одвојувањата за поддршка на Украина, покажува дека меѓу западните сојузници предничат нордиските и балтичките земји, Германија, Обединетото Кралство и САД. Франција не е меѓу нив.
Пред последниот самит на шефовите на држави и влади посветен на одбраната, Европската комисија достави два предлози. Првиот е Предлогот на стратегија за европската одбранбена индустрија (во вид на Заедничкото коминике на Комисијата и на високиот претставник за надворешна и безбедносна политика), како подолгорочен документ. Вториот е Предлогот за востановување Програмата за европската обранбена индустрија (предлог на регулатива). Според изјавите на самата Комисија, предложените финансиски средства на оваа Програма во висина од 1,5 милијарди евра се „скромни“ и треба да го покријат периодот до следниот седумгодишен буџетски циклус на Унијата, кој започнува во 2028 година. Овие предлози треба сега да влезат во процедура меѓу државите членки, односно на Советот на ЕУ, кој би требало да дефинира свој став до изборите во јуни. Како и да е, дискусијата ќе продолжи по изборите за Европскиот парламент.
Кандидатката за ново-стара претседателка на Европската комисија Урсула фон дер Лајен сериозно ја форсира одбраната во нејзината агенда, најавувајќи и комесар за одбрана во идниот состав на Комисијата. Сепак, патот кон одбраната во агендата на Унијата сепак нема да биде лесен, имајќи ја предвид воздржаноста на некои држави членки. Меѓу нив е и Грерманија, која забележува дека надлежноста за одбраната е примарно кај државите членки, не на ниво на Унијата.
Следно жешко прашање е од каде ќе се најдат парите за амбициозните цели во одбраната. Таков е предлогот за користење на замрзнатите руски средства од рестриктивните мерки за снабдување на Украина со оружје и муниција. Иако се тврди дека предлогот полека добива повеќе приврзаници, сé уште се противат неколку држави членки, меѓу кои и Австрија, Ирска и Малта. Друг таков предлог кој подолго време е во „оптек“ е зголемување на можностите за кредитирање на одбранбената индустрија од страна на Европската инвестициона банка.
Според сегашниот тек на дискусијата, имајќи ги предвид пошироките политички трендови, може да се очекува дека прашањето на одбраната ќе остане жешка тема во скора иднина во ЕУ.