fbpx

Бурни реакции по најавата за вклучување на владата во борбата против дезинформациите

-

Најавата на владата за отворање фронт против лажните вести и ширењето дезинформации преку социјалните мрежи и традиционалните медиуми предизвика лавина од реакции во јавноста. Опозицијата препозна намера за цензура на медиумите, а иницијативата на владата наиде на критики и повик за внимателност од страна на претставниците на медиумските организации.

Веднаш по прес-конференцијата на премиерот Зоран Заев (24.07.2019), на која тој го обелодени Предлог-планот за одлучна акција против дезинформациите, со реакција се јави ВМРО-ДПМНЕ. Опозицијата стравува дека под превезот на борба со дезинформациите ќе се воведе цензура во медиумите што не размислуваат исто како премиерот.

„Јасно е дека планот на Зоран Заев предвидува преку обвинувања за лажни вести да се покријат сите скандали, афери и криминали кои секој ден излегуваат… Заев е во паника и се обидува да ги заплаши и цензурира медиумите“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

По ова следуваше спротивно обвинување од страна на владејачката СДСМ, кои исто така преку соопштение порачаа дека всушност опозициската партија е во паника „од тоа што општеството, граѓаните и институциите се организираат во борбата против дезинформациите“.

Како доказ дека не станува збор за обид за цензура, оттаму го посочуваат фактот што Северна Македонија скокна за 14 места на Индексот на слобода на медиумите на Репортери без граници за 2019 година.

Реагираше и Здружението на новинари на Македонија, посочувајќи оти „со загриженост“ ги проследиле дел од про-активните мерки, „особено оние кои имплицираат на платени кампањи во приватните медиуми, најавата за ко-регулација, воведување на критериуми за акредитирање на медиуми кои ќе имаат право да ги следат владините настани во согласност со стандардите на новинарската професија како и формирање на акциска група за борба на дезинформации со проблематичен состав и улога“.

Во ЗНМ сметаат дека предлог мерките не се јасно искажани и оставаат можност да се толкуваат како обид за ограничување на слободата на изразување.

Критиките за најавената битка против дезинформациите преовладуваа и на социјалните мрежи. Своето несогласување со заложбите на владата го искажа и професорот на филозофскиот факултет Љубомир Цуцуловски, кој преку статус на „Фејсбук“ праша „за кого се поопасни лажните вести – за граѓаните или за одредени политички структури?“.

Инаку, целта на изработката на акцискиот план на владата, како што најави премиерот, е да се зајакне националната безбедност и сигурност. Споменатиот план, за кој владата најави консултации и со граѓанскиот сектор и со медиумите, има две компоненти: безбедносни и про-активни мерки.

Безбедносните мерки се однесуваат на комуникациите на самата влада и премиерот, а со про-активните мерки е предвидена внатрешна кампања за вработените во институциите, нова стратегија за транспарентност, акциска група за борба против дезинформации и национална стратегија за медиумска писменост.

Во предлог-мерките е наведено дека ќе се воспостават јасни критериуми за медиумите кои се акредитирани за следење на работата на владата, модел на поддршка за продукција на медиумски содржини и едукативни програми, како и соработка со организациите кои се бават со проверка на фактите и регистар на изворите кои шират дезинформации.

Според една од предложените мерки, владата на својата веб-страница би објавувала одговори на прашања од новинарите и од граѓаните за да се спречи извртување на ставови.

 

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.
ФИНКИ

ФИНКИ бара Владата да ги ослободи бараките на Техничкиот кампус, во спротивно најавува протести и штрајк

Најбројниот факултет во земјава – Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) бара од Владата решение за просторниот проблем со кој се соочува институцијата. Со повеќе од 5.000...