Техничкиот премиер Оливер Спасовски на „Фејсбук“ објави дека владата на денешната седница одлучила од петок, 26 јуни, да ги отвори сите гранични премини за движење на патниците и возилата без приложување на ПЦР тестови за оние лица што влегуваат во нашата земја, како и без упатување во домашна изолација или спроведување на задолжителен државен карантин. Укината е и забраната за организиран превоз, којшто ќе може да започне со работа од 26 јуни.
Премиерот Спасовски информираше дека аеродромите во Скопје и Охрид ќе бидат отворени за сообраќај од 1 јули.
„Владата денеска донесе одлука од 1 јули, среда, да бидат отворени за сообраќај Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид“, се нагласува во соопштението на владината прес-служба.
Како и досега, македонските граѓани кои сакаат да патуваат во странство ќе мора непосредно пред своето патување да се информираат преку Министерството за надворешни работи или амбасадите на земјите во кои патуваат дали и под какви услови е дозволен влез на македонски државјани во таа држава. Одлуките во врска со ова прашање се менуваат многу брзо во изминатиов период.