Проектот за чистење на ОХИС и судските закони денеска на владина седница


Скопје, 11 декември, 2018 - 9:21 (META) 

На својата 107. седница, денеска Владата ќе ги разгледува предлог-законите за судството, а ќе се зборува и за проектот за чистење на дворните површини на ОХИС.

Министерството за правда треба да ги достави за одлучување Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за судовите, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет, Предлог-законот за извршување на санкциите, Предлог-законот за прекршоци.

На предлог на Министерството за правда, ќе се разгледува и анализата за примената на Законот за правда за децата, за период јануари – јуни 2018 година.

Исто така, на денешната седница на Владата ќе биде презентирана и информацијата за потпишување на Меморандумот за соработка помеѓу Владата, Канцеларијата за услуги на проекти на Обединетите нации (UNOPS) и Министерството за надворешни работи на Норвешка, со кој ќе се реализира проектот за чистење на дворните површини на ОХИС.

Владиниот кабинет ќе одлучува и за предлог-измената на Среднорочната програма за работа на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) за финансиска поддршка на микро, мали и средни претпријатија за 2018-2020 година.

Ќе се дискутира и за формирање на Агенција за квалитетот во високото образование, што ја предлага Министерството за образование и наука.


МЗШВ работи на интервентна мерка за откуп на јаболката


Скопје, 3 октомври, 2018 - 13:27 (META) 

Поради временските непогоди, оваа година забележана е поголема количина на индустриско јаболко, кое не може целосно да биде преработено во преработувачките капацитети, информираат од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Затоа, како што велат од МЗШВ, за регулирање на оваа состојба и постигнување рамнотежа на пазарот, била подготвена интервентна мерка која ќе биде дискутирана на следната владина седница и финализирана до крајот на оваа недела.

„Преку Програмата за рурален развој МЗШВ предвидува поддршка и за преработувачките капацитети, со цел да овозможи поголем простор за откуп на призводите и извоз од државата“, се вели во соопштението на МЗШВ.


Владата денеска ќе решава за бесплатно болничко лекување за пензионерите


Скопје, 15 мај, 2018 - 10:38 (META) 

Владата со почеток во 12 часот денеска ќе расправа, меѓу другото, за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита, како и Предлог – програмата за изменување и дополнување на Програмата за обезбедување средства за болничко лекување без наплата на партиципација за пензионери во 2018 година.

На дневен ред на 68-мата седница е и Извештајот за реализација на Програма за конкурентност, иновации и претприемништво за 2017 година.

Министрите ќе разгледуваат и три извештаи предложени од Собранието на Република Македонија, односно годишниот извештај за работата на Комисијата за заштита од дискриминација за 2017 година, годишниот извештај на Државната комисија за спречување на корупцијата за примени пријави од укажувачи за 2016 година, како и годишниот извештај за работата на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер за 2017 година.


Владата реши да гради нов објект за Државен архив


Скопје, 4 април, 2018 - 9:48 (META) 

Владата на вчерашната, 62 седница донела одлука за почнување постапка за изградба на нов објект за Државниот архив. Додека тоа не се случи, го задолжила архивот, до изградбата на новиот објект да спроведе постапка за санација за спречување на протекување на атмосферска вода во постоечкиот објект.

Исто така, одобрена е предлог-одлуката за прогласување на манастирот „Свети Андреја“ на Матка изграден во годините 1388 – 1389 година, за културно наследство од „особено значење“, во поткатегоријата „големо значење“.

Исто така, за втор портпарол на Владата е именуван Муамет Хоџа.


Oдложена заедничката седница со владата на Србија, Брнабиќ била зафатена


Скопје, 15 март, 2018 - 16:02 (META) 

Неколку часа откако Владата на Република Македонија најави дека следната седмица, односно на 21 март, ќе се одржи заедничка владина седница со Владата на Република Србија,  владината служба за информирање испрати соопштение дека седницата ќе биде одложена.

Како причина се наведени неодложни обврски на српската премиерка Ана Брнабиќ.


Владата формира Совет за јавни финансии и реши 112 да биде број за итни повици


Скопје, 6 февруари, 2018 - 19:58 (META) 

На денешната седница, Владата донела одлука да се формира Совет за управување со јавни финансии, на предлог на Министерството за финансии. Овој совет совет е клучно тело од структурата за управување, координација, следење и известување за спроведувањето на Програмата за реформа на управувањето со јавни финансии, соопштуваат од владиниот Сектор за информирање на јавноста.

Владата исто така донела одлука да се воспостави единствен комуникациско – информативен систем за итни повици, кој ќе го користи бројот 112, што веќе се користи во голем дел од Европа. Тоа значи дека за сите итни случаи, како пожар, потреба од итна медицинска помош или од полициска интервенција, како и за природни катастрофи, ќе се повикува тој број. Центарот за управување со кризи добил задолжение заедно со неколку министерства и институции да најде пари за да профункционира новиот систем.

Била донесена и одлука за закуп на градежно земјиште во Технолошко – индустриската развојна зона Скопје 1 со турската компанија Доган Отомотив, која ќе произведува делови за автомобилската индустрија.

Покрај другите одлуки, Љупчо Јаневски бил избран за за в.д. директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, на местото на разрешениот Александар Донев.

Истовремено, Ден Дончев бил реизбран на позицијата в.д. директор на Фондот за здравствено осигурување.


ЕЛЕМ и МЕПСО ќе дадат заем за исплата на заостанатите плати во Македонски железници


Скопје, 22 декември, 2017 - 22:54 (META) 

На својата 44 седница вечерва, Владата меѓу другите точки направила подготовки за проект за транспортно и трговско поврзување на Западен Балкан, како и прифатила одлуки на двете државни енергетски претпријатија, ЕЛЕМ и МЕПСО, со кои му позајмуваат пари на АД Македонски железници – Транспорт, соопшти секторот за информирање на Владата.

Со тие позајмици, се обезбедени пари за неисплатените плати за ноември на вработените во МЖ Транспорт.

Исто така, владата ја разгледала и информацијата за предлог проектот „Трговијата и транспортот на Западен Балкан“ од Светска Банка, како и потребните идни активности за негова реализација. Проектот предвидува полесно прекугранично движење на стоки со усвојување на Национален Единствен Прозорец (National Single Window), и со подобрување на граничните премини во одбрани трговски коридори.

На 44-та седница, Владата го разгледала Извештајот за процена и утврдување на висината на штетата во скопскиот и тетовскиот регион од невремето и поплавите во август 2016 година и го проследила до Министерството за финансии.


Владата денеска ќе расправа за програмата за членство во НАТО


Скопје, 5 декември, 2017 - 11:31 (META) 

На денешната седница, Владата ќе расправа за неколку важни прашања, меѓу кои предничат информацијата за реконструкцијата на пругата Куманово – Бељаковце од железничкиот коридор 8, како и за проекти на ЕЛЕМ кои не се во рамките на основната дејност на државниот производител на струја.

Од стратешките теми, на маса е и предлог-текстот на годишната Национална програма на Република Македонија за членство во НАТО за 2017-2018 година.

На предлог на Управата за хидрометереолошки работи, ќе се разговара за потребата за санација на метеоролошките станици во Демир Капија, Штип и во Крива Паланка и за поправка на радарскиот систем „Ѓуриште“.

На дневниот ред е и предлог-законот за ратификација на Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство на Советот на Европа.

Министрите денеска ќе ја разгледаат и одлуката за утврдување на цената на годишната претплата на „Службен весник на Република Македонија“ и за годишната претплата на Регистарот на прописи на Република Македонија за 2018 година.

Ќе се разговара и за превентивни прегледи на социјално ранливи категории на граѓани, како и за предлог-законот за изменување и за дополнување на Законот за заштита на културното наследство.


Македонија и Бугарија договорија и потпишаа меморандуми за соработка во битни сектори


Струмица, 23 ноември, 2017 - 15:06 (META) 

Владите на Македонија и на Бугарија денеска во Струмица, по заедничата меѓувладина седница, потпишаа серија спогодби за соработка од областа на одбраната, телекомуникациите, туризмот, енергетика и на економијата.

Министрите за одбрана, Радмила Шекеринска и Красимир Каракачанов, потпишаа Протокол за соработка во спроведувањето обуки за припадници на АРМ во воентите школи во Бугарија и за интензивирање на соработката.

Со потпишување меморандум, министерот за информатичко општество и за администрација, Дамјан Манчевски, и бугарскиот министер за транспорт и информатички технологии, Ивајло Московски, го официјализираа и намалувањето на меѓународните тарифи за роаминг во телекомуникациските услуги.

Во согласност со договорот, регулаторните тела на двете држави треба да почнат процедура со која ќе ги поттикнат операторите да склучат договори за пониски цени при разговор, пораки и интернет во роаминг. Во моментов, за минута разговор во роаминг од Бугарија во Македонија се плаќа меѓу 90 и 210 денари и 750 денари за еден мегабајт интернет.

Бугарската министерка за туризам, Николина Ангелкова, и македонскиот заменик-министер за економија, Кире Наумов, потпишаа Договор за соработка во туризмот со кој, исто така, се предвидува и заедничко учество на туристички саеми, заедничко објавување туристички промотивни материјали, организација и учество на конференции, семинари и други туристички настани, како и заеднички настап на трети пазари.

Министрите, покрај тоа, потпишаа и два договора за соработка во енергетскиот сектор, со кои се предвидува од почетокот на 2018 година да се воспостави заеднички пазар за распределба на преносни капацитети меѓу електроенергетските оператори на двете земји. Со договорите се предвидува олеснето тргување со струја.

Бугарскиот оператор за гас „Булгартрансгаз“ ЕАД и АД „Македонски енергетски ресурси“ – МЕР потпишаа Договор за спроведување студија за исплатливост на изградба на нова гасна меѓусистемска врска, а агенциите за катастар на Македонија и на Бугарија потпишаа договор за размена на картографски и геодетски материјали и информации.

Претставниците на двете влади пред меѓувладината седница го посетија манастирот „Водоча“, а потоа се поклонија пред споменикот на загинатиот македонски претседател Борис Трајковски.


Владата утре ќе расправа за евроатлантските интеграции и за користењето на ЕУ фондовите


Скопје, 14 ноември, 2017 - 18:59 (META) 

Разгледување на состојбата и напредокот во процесот на европската интеграција, користењето и имплементацијата на фондовите на ЕУ, статусот на реализација на приоритетите за влез во НАТО, се едни од најбитните точки што утре ќе бидат на дневниот ред на 38. седница на Владата.

Министрите ќе расправаат и за информациите за модели за подобрување на функционирањето на проектот „Отворање на народни кујни“, како и за книгите од проектот за превод и печатење на 50 универзитетски учебници кои се употребуваат на првите 10 рангирани универзитети согласно Шангајската листа за 2015 година.

На седницата ќе се разгледа и информацијата за потребата од склучување анекс на Договорот за доделување на државна помош склучен со Владата на Република Македонија и компанијата корисник на ТИРЗ Штип „Џонсон Контролс ДООЕЛ Штип“, извести владината служба за информирање.

Исто така, ќе се разгледува и информацијата за изменување и дополнување на Спогодбата помеѓу Владата и Европската комисија за финансирање во однос на повеќегодишната оперативна програма „Регионален развој“.