fbpx

Еднодневна владина голгота за избор на ново раководство во М-НАВ

Само што беше именуван Илир Мехмети, Владата на истата седница ја смени одлуката под притисок на Синдикатот на контролорите на летање. На негово место, за директор на М-НАВ сега е именуван Хекуран Асани, кој таму работи како контролор на летање 20 години

-

Речиси цел ден траеше голготата за предлог на ново раководство на М-НАВ. Владата првично ги предложи Илир Мехмети (поранешен директор на Управата за цивилна и воздушна пловидба) и Милан Кораќ (оперативен инженер техничар во М-НАВ) за нови директори на М-НАВ.

Но, само што беше именуван Мехмети, Владата на истата седница ја смени одлуката под притисок на Синдикатот на контролорите на летање. На негово место, за директор на М-НАВ сега е именуван Хекуран Асани, кој таму работи како контролор на летање 20 години.

За Мехмети беше констатирано дека немал лиценца за контролор на летање, ниту пак такво работно искуство, а на Владата никој не ѝ кажал дека такво нешто е потребно, односно дека Мехмети не го исполнува условот за директор.

На истата седница предложено беше разрешување на Фахрудин Хамиди, извршен директор, и Љубе Стаменковски, секторски- технички директор. Не беше предложено разрешување на членот на Управниот одбор и директор на М-НАВ, Хасим Деари.

Од владината седница, која почна после пладне, официјалното соопштение пристигна дури во 7.30 часот вечерта.

„Владата на Република Северна Македонија, на владината седница му препорача на надзорниот одбор на Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловна навигација „М-НАВ“ А.Д. – Скопје да ги разреши Фахрудин Хамиди од должноста Претседател на Управен одбор и Извршен директор во СВН и Љубе Стаменковски од должноста Член на Управен одбор и Извршен директор во СВТ. Владата воедно му препорача на надзорниот одбор на Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловна навигација „М-НАВ“ А.Д. – Скопје на позицијата Претседател на Управен одбор и Извршен директор во СВН да го именува Хекуран Асани, а за член на Управен одбор и Извршен директор во СВТ да го именува Милан Кораќ“, се вели во владиното соопштение.

Ваквиот епилог на настаните и смената на раководството доаѓа по инцидентите минатата недела, кога осум лица упаднаа во канцелариите на македонска навигација на аеродромот во Скопје и нападнаа контролор на летање. Четворица од нив се во бегство, додека за останатите четворица, меѓу кои и Беким Незири, советник на директорот на М-НАВ и претседател на огранок на ДУИ, судот не го прифати предлогот на обвинителството за определување мерка притвор, туку единствено наложи мерки на претпазливост.

Кривичниот суд се дообјаснува зошто нема притвор за напаѓачите во М-НАВ

Пред упадот, пак, синдикатот на прес-конференција алармираше дека е под засилен притисок од менаџментот на М-НАВ поради негодувањата на синдикалците за последниот оглас за вработување. Нападот се случи откако претседателот на Синдикатот на контролори на летање, Александар Тасевски одржа прес-конференција во присуство на вработените од М-НАВ. Тој потоа извести дека по прес-конференцијата неколку лица со возила влегле во објектот на контролата на летање, предизвикале караница, нападнале вработени и си заминале. Лицата со возила влегле во М-НАВ без да бидат спречени од обезбедувањето, иако неовластениот влез во објектот е строго забранет. Контролорите на летање ваквиот упад го сметаат за терористички чин според сите светски норми и закони.

По упадот во контролната кула на М-НАВ: Револт, приведувања и најави за разрешувања

Фахрудин Хамиди, пак, изјави дека безбедноста на авиосообраќајот во земјава не била, ниту пак ќе биде загрозена. Тој тврди дека постојано е под напади од претседателот на Синдикатот на контролори на летање,Тасевски, поради како што тврди, негови лични идеи.

Во однос на инцидентот со нападот на контролор на летање на работното место од страна на група неовластени лица кои влетале во објектот, Хамиди рече дека станувало збор за немил настан и дека тоа било само „мало кошкање“ меѓу колеги.

По денешната владина седница, од Синдикатот на М- НАВ соопштија дека го ставаат во мирување штрајкот што го најавија за утре со делумно затворање на македонското небо, но дека ќе го следат спроведувањето на владината одлука.

Хекуран Асани е вработен во Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловна навигација „М-НАВ“ А.Д. – Скопје од 2005, а од 2007 година ги извршува обврските на контролор на летање. Во 2010 година се стекнува со лиценца за извршен контролор, а од 2021 година е воедно и интруктор за областа контрола на летање (OJTI). Хекуран Асани како вработен во М-НАВ и долгогодишен контролор на летање, воедно ја извршува и функцијата на супервизор на контрола на летање.

Милан Кораќ на позицијата Извршен Директор во СВТ во М-НАВ доаѓа од позицијата Раководител-инструктор за електроенергетика во Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловна навигација „М-НАВ“ А.Д. – Скопје. Кораќ пред позицијата во М-НАВ, 14 години бил вработен во Агенцијата за цивилно воздухопловство, на позицијата Раководител-инструктор за електроенергетика во секторот за воздухопловна техника. Кораќ има повеќе од 25 години работно искуство во областа на воздухопловството.

Денеска и финансиската полиција влезе во македонската навигација за да се утврди дали има сомневање за незаконско работење.

Воедно, Владата ѝ препорача на Агенцијата за цивилно воздухоповство да продолжи со започнатите активности кои произлегуваат од спроведениот вонреден инспекциски надзор за утврдување на состојбите околу безбедноста и обезбедувањето на воздушниот сообраќај и за истото да го информира ресорното министерство и Владата.

Владата го задолжи и Инспекторатот за труд да изврши вонреден инспекциски надзор за работењето на синдикалните организации во рамки на Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловна навигација „М-НАВ“ А.Д. – Скопје и за истото да ја информира Владата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Патот до слободниот пристап до информации поплочен со тужби, нетранспарентност и молк од администрацијата

Колкава плата зема одреден министер, директор, функционер? Колку пари потрошиле пратениците за патни трошоци? Колку судски пресуди се донесени за семејно насилство? Колку чинело новогодишното украсување за секој град...