Криминалците можат со помош на вештачката интелигенција да целат кон илјадници лица одеднаш, а најподложни на удар се корисниците на онлајн апликации за запознавање нови луѓе и социјалните мрежи. Експерти од Европол предупредуваат дека вештачката интелигенција во комбинација со случувањата во Украина и на Блискиот Исток овозможува зголемување на бројот на онлајн измами, пишува Гардијан.
Врвните експерти за финансиски криминал во Европол за Гардијан велат дека содржините генерирани од вештачката интелигенција им овозможуваат на криминалците да таргетираат повеќе жртви одеднаш.
Себастијан Блеј, шеф на тимот за економски криминал на Европол во Хаг вели дека постои тренд на измами, во кои луѓе кои велат „Јас сум лекар во воена зона“ и бараат средства да се префрлат надвор од таа зона, како и дека треба да го извлечат семејството со нив.
Буркхард Мил, генералниот шеф на единицата за финансиски и економски криминал во Европол дека ваквите онлајн измами можат само во еден случај да олеснат нечија сметка со десетици илјади евра.
Од Европол предупредија на пораст на измамите со „лажни шефови“, со измамници кои имаат мрежа од лажни веб-страници, лажни биографии и профили на инвеститори за да таргетираат низа жртви, од лични инвеститори до даночни власти.
Влијанието може да биде разорно, што резултира со губење на животните заштеди на граѓаните, а во некои случаи и самоубиства.
Агенцијата за спроведување на законот на ЕУ, чија мисија е спречување и борба против меѓународниот и организираниот криминал, ги анализира трендовите на измами. Европол вели дека вештачката интелигенција им олеснува на измамниците да ја зголемат стапката на успех и да ги зголемат злоупотребите со користење на алатките како што е ChatGPT.
„Со големите јазични алатки можете да напишете илјадници приспособени пораки на различни јазици со различни цели, различни приказни, а тоа можете да го направите со вашиот лаптоп од каде било“, додаваат од Европол.
Без разлика колку е привлечна приказната на измамниците, „никогаш не испраќајте пари на личност што лично не сте ја запознале“, вели Мил. Најдоброто решение е пријавување на криминалот во полиција, велат експертите од Европол, но тие веруваат дека онлајн измамите се недоволно пријавени поради срамот што луѓето го чувствуваат.
Тие велат дека измамите со СМС пораки се зголемиле за 40 отсто во Обединетото Кралство од лансирањето на ChatGPT.
Од Европол веруваат дека Европа е цел на криминалци кои работат надвор од ЕУ поради „високиот животен стандард“ и затоа што „луѓето имаат пари за инвестирање“.